Колку би ја чинело ЕУ ако сите земји од Западен Балкан преку ноќ станат членки?
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога целиот Западен Балкан преку ноќ би влегол во Европската Унија (ЕУ), тоа би ја чинело Унијата 46,6 милијарди евра, односно 6,66 милијарди евра годишно, што покажува дека трошоците за проширувањето не се тест за економскиот капацитет на ЕУ, туку на нејзината политичка волја, стои во нова студија под наслов „Колку ме чини Западен Балкан“ од независната, невладина, непрофитна тинк-тенк организација од Србија наречена Центар за европска политика.
Со очекуваните придонеси на новите членки во износ од 12,09 милијарди евра, фискалниот нето-издаток би изнесувал 34,15 милијарди евра во текот на седум години, односно 4,93 милијарди годишно.
Со други зборови, бруто-износот би претставувал зголемување од 3,85 % во однос на актуелната повеќегодишна финансиска рамка, 0,0150 % од годишниот бруто-национален доход (БНД) на ЕУ и 5,29 евра по жител, што е кафе и печиво, истакна Страхиња Суботиќ, кој ја изработил студијата заедно со Ана Милинковиќ.
Суботиќ истакнува дека нето-износот би одговарал на 3,23 отсто од МФФ, 0,0111 отсто од годишниот БНД на ЕУ и 3,92 евра по жител на ЕУ годишно. Тој вели дека тие резултати покажуваат дека проширувањето е геополитичка нужност, која е фискално изводлива за ЕУ и земјите членки.
Според него, иако влијанието врз сметката на ЕУ би било ограничено, поттикот за регионот би бил значителен.
Бруто-износот би претставувал четирикратно зголемување во однос на сегашните издвојувања за Западен Балкан во рамките на Инструментот за претпристапна помош, кои изнесуваат 12,2 милијарди евра. Тоа би одговарало на удел од 4,48 % во вкупниот БДП на регионот. Тие податоци го нагласуваат трансформативниот потенцијал на пристапувањето, обезбедувајќи ресурси кои може да ја забрзаат конвергенцијата и да поттикнат долгорочен економски раст, смета Суботиќ.
Тој во анализата забележува дека кога ќе се земат предвид само неповратните средства од инструментот „Next Generation“ (идна генерација), бруто-алокациите за Западен Балкан по пристапувањето би се зголемиле на 63,58 милијарди евра, додека во случај на вклучување и на неповратните средства и заеми, тој износ се зголемува на 72,43 милијарди евра, што претставува сценарио со најголем фискален ефект.
Извор:
N1
Фото: Freepik