Меѓусекторска соработка за модерни студиски програми на Економскиот факултет - Прилеп
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Економскиот факултет – Прилеп, со одржување на Форумот quadruple helix, ја интензивира меѓусекторската соработка – клучен механизам за унапредување на квалитетот на студиските програми и создавање дипломци подготвени за современиот пазар на труд. На овој начин се поврзуваат академската заедница, работодавците, студентите и алумните.
Во рамките на подготовките за унапредување на студиските програми, спроведено е обемно анкетно истражување во кое учествуваа 107 компании од релевантни сектори, што овозможи детална анализа и рангирање на стручните и општите компетенции за секоја студиска програма, нагласува деканката, проф. д-р Татјана Спасеска. Основната цел е јасно да се утврдат знаењата, вештините и компетенциите што студентите треба да ги поседуваат по завршувањето на студиите на Економскиот факултет. Процесот се темели на размена на искуства меѓу четирите групи засегнати страни.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, посочи дека високото образование се наоѓа во период кога е неопходно подобрување на квалитетот на студиските програми и подготовка на кадар што одговара на реалните потреби на пазарот на труд. Според него, настанот претставува значајна пресвртница бидејќи го отвора патот кон суштинско менување на образовниот процес, започнувајќи од Економскиот факултет, а потоа и во рамките на целиот универзитет. Тој верува дека ваквиот пристап има потенцијал да стане пример и за другите високообразовни установи во земјата и доколку се истрае во процесот со ист интензитет, практичните компетенции на студентите значително ќе се зголемат.
Се посочува дека овие иницијативи создаваат јасен институционален ефект, усогласеност меѓу студиските програми и реалните потреби на пазарот. За студентите, ваквиот модел обезбедува пристап до компетенции што се директно релевантни за современите економски текови, дополнети со поддршка од алумните преку менторство и споделување практични искуства. Работодавците добиваат можност навремено да ги согледаат знаењата и вештините на идните кадри, што придонесува за поголема доверба и градење стабилни, долгорочни партнерства.
Економскиот факултет – Прилеп континуирано гради отворена и интензивна соработка со деловниот сектор, што се потврдува со триесетина стипендии за новозапишаните студенти. Во таа насока, Форумот претставува уште една можност за продлабочување на соработката и во целина создава одржлив модел на високообразовна пракса заснована на релевантност и заедничко креирање вредности за сите засегнати страни.
(Комерцијална објава)