Научниците тврдат: Шпанија и Португалија постепено се вртат, се намалува растојанието меѓу Европа и Африка

Научниците тврдат: Шпанија и Португалија постепено се вртат, се намалува растојанието меѓу Европа и Африка

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Тектонската плоча на која се наоѓаат Шпанија и Португалија почнала полека да ротира, тврдат научниците во најновото истражување објавено во списанието „Гондвана рисрч“.

Геолозите наведуваат дека тектонскиот притисок постепено го поместува Пиринејскиот Полуостров околу сопствената оска, бидејќи се наоѓа стегнат меѓу две огромни геолошки сили што постојано дејствуваат.

Ова поместување се одвива во текот на илјадници или милиони години, па никој нема директно да го почувствува, но помага да се објасни зошто земјотресите во Шпанија и Португалија се појавуваат релативно често.

Шпанија и Португалија се наоѓаат на тектонска плоча што многу бавно „плови“ врз помек слој од Земјината обвивка. Овие плочи постојано се движат, најчесто во прилично предвидливи насоки. Сепак, Африка и Евроазија се движат една кон друга, намалувајќи го јазот меѓу нив за четири до шест милиметри годишно.

Во многу делови од светот ваквото движење создава јасни раседи или зони на субдукција, каде што една плоча навлегува под друга. Но, како што се наведува во истражувањето, границата меѓу Африканската и Евроазиската плоча во западниот Медитеран е нејасна и сложена, без остро дефинирана линија. Наместо притисокот да се ослободува по должината на еден голем расед, тој се распрснува на широко подрачје, вклучувајќи ги и самите Шпанија и Португалија.

Поради тоа, наместо да се движи на север заедно со остатокот од Европа, Пиринејскиот блок се извиткува и полека се врти во насока на стрелките на часовникот, слично на запченик заглавен меѓу два подвижни дела. Во тој процес, регионот Алборан, меѓу Јужна Шпанија и Северно Мароко, се поместува кон запад, додавајќи странична сила на притисокот што веќе доаѓа од југ.

Истовремено, ова е една од причините зошто геологијата околу Гибралтар е толку тешко разбирлива. Бидејќи страничното движење не е рамномерно, Земјината кора реагира различно во зависност од локацијата: на некои места Африканската плоча директно ја притиска Евроазиската, додека на други дел од таа енергија се ослободува странично, овозможувајќи земјата да лизга наместо директно да се судира.

Геологот Асиер Мадариета истакнува дека постојат многу подрачја каде што очигледно се случуваат деформации и сеизмичка активност, но дека тектонските структури одговорни за тоа остануваат скриени под земјата.

Откритието, според научниците, нуди нов начин за толкување на пределот. Тие нагласуваат дека тоа не значи дека земјотресите може ненадејно да се предвидат, но помага да се препознаат местата каде што се акумулира напнатост и кои структури може да бидат активни, дури и кога не се видливи на површината.

- Накратко, Шпанија и Португалија не стануваат поопасни преку ноќ, но ова откритие покажува дека нивната геолошка приказна е многу подинамична отколку што изгледа. Пиринејскиот Полуостров тивко се врти поради сили што дејствувале долго пред појавата на луѓето, а кои ќе продолжат да дејствуваат долго по нив - заклучуваат научниците.

Извор: 021.rs
Фото: Pixabay