По повеќе од 30 години: Ова е приказната за куќата што стана симбол на Божиќ
Божиќниот филм „Сам дома“, чија премиера беше во ноември 1990 година, стана класик на поп-културата. Комедијата го следи Кевин Мекалистер (Маколеј Калкин), осумгодишно момче кое случајно е оставено само дома од неговото семејство, пред да одат на божиќно патување во Париз. Оставен во Чикаго, Кевин мора да се снајде со сè што има, вклучително и поставување стапици за да спречи крадци да влезат во неговиот дом.
Режисерот Крис Колумбус се присетил на процесот на наоѓање на совршената куќа за филмот во интервју за „Ентертејмент викли“.
- Рековме дека ќе снимаме на северниот брег, во областите Вилмет, Винетка, Гленко и Лејк Форест, па возевме наоколу неколку недели додека не ја најдовме вистинската куќа. Кога ја најдовме, му ги испратив фотографиите на Џон, а тој рече: „Совршено. Токму така ја замислував куќата“ – истакнал режисерот.
Еве што треба да знаете за куќата од филмот „Сам дома“ - каде е, кој живеел во неа и што се случило со неа.
Надворешноста на домот на Мекалистер се наоѓа на Линколн Авенија 671 во Винетка, предградие на Чикаго. Куќата, изградена во 1921 година, во џорџијански колонијален стил, има пет спални соби и шест бањи на 848 квадратни метри. Во подрумот има сала за вежбање, бар, рекреативна зона, домашно кино и спортска сала.
Изборот на куќата бил клучен и за заплетот на филмот бидејќи Кевин поставува стапици за крадци во неа. Колумбус објаснил дека им била потребна куќа што ќе функционира и визуелно и за каскадерските активности.
Што се случило со куќата?
Куќата неколку пати сменила сопственици во текот на годините. Во мај 2024 година била ставена на продажба за огромни 5,25 милиони долари. Дури и Меколи Калкин, според „Њујорк тајмс“, размислувал да ја купи, но тој не планирал да живее во неа, туку да ја претвори во „куќа за филмска забава“ каде што обожавателите би можеле да одглумат сцени од божиќниот класик. Сепак се откажал од таа идеја.
Куќата брзо најде купувач.
- Воодушевени сме што оваа куќа повторно ги освои срцата на луѓето со своето заслужено место во филмската историја и безвремените спомени за одмор што ги евоцира - истакнале агентите за продажба Дон Мекена и Кејти Мур.
Куќата официјално беше продадена во јануари 2025 година за 5,5 милиони долари, откако продажбата беше финализирана еден месец претходно.
Кој живеел во неа?
Семејството Абендшиен живеело во куќата повеќе од 20 години. Џон Абендшиен и неговата тогашна сопруга Синтија Демпс се преселиле во 1989 година со нивната ќерка Лорен - токму навреме за филмот. Откако филмот станал голем хит, тие морале да се навикнат на посетителите и набљудувачите надвор од куќата. Ја продале во 2012 година откако нивната ќерка пораснала.
Потоа, куќата била купена од Тим и Триша Џонсон во 2012 година.
Дали куќата може да се посети?
Куќата не е отворена за јавноста - обожавателите можат да ја видат само однадвор.
Сепак, во декември 2021 година „Арбиенби“ понуди специјална награда - ноќ во вистинската куќа на Мекалистер за една среќна група од четири гости. Домаќин беше Девин Ратреј, актерот кој го играше постариот брат на Кевин во филмот - Баз.
Извор: tportal.hr
Фото: YouTube screenshot