„Интерворкс“ 15 години испорачува врвен софтвер во Америка и во Европа

„Интерворкс“ 15 години испорачува врвен софтвер во Америка и во Европа

„Интерворкс“ е компанија која има успешна приказна благодарение на своите брилијантни програмери


Својата приказна „Интерворкс“ ја започна уште во 2004 година кога една мала група на амбициозни програмери одлучи да се поврзе со Америка и да почне да ја пишува историјата на компанијата, која денес брои 140 вработени во своите канцеларии во Битола и во Прилеп.

Станува збор за компанија која го користи outsource моделот и нуди врвни и уникатни софтверски услуги за своите клиенти во Америка и во Европа. Партнерството со SnapLogic, Microsoft, Atlassian и други светски познати компании им овозможува на талентираните програмери од Пелагонискиот Регион добро платена работа проследена со постојан напредок.
Во интервју за Факултети.мк менаџерот на човечки ресурси во „Интерворкс“, Јасмина Антиќ-Атанасовски, ни раскажа повеќе за нивната успешна приказна.

Какви софтверски услуги нуди „Интерворкс“?

- „Интерворкс“ е компанија со повеќе од 140 вработени и со 15 години искуство во аутсорсинг на софтверски услуги и решенија, со свои канцеларии во Битолa и во Прилеп, Македонија. Горди сме што имаме успешно завршено повеќе од 120 проекти за реномирани клиенти од Европа и од Америка. „Интерворкс“ нуди софтверски услуги во повеќе области, како развој на апликации во Microsoft и PHP, развој на мобилни апликации, Cloud AWS, QA, дата-менаџмент, оперативна поддршка, процесен и проектен менаџмент. Она што нè издвојува од другите ИТ-компании се софтверските услуги во полето на интеграција, како што се SnapLogic, MuleSoft и TIBCO. Со гордост можеме да истакнеме дека сме единствен партнер на SnapLogic на Балканот.
Нашите решенија се успешно применети во областа на телекомуникациите, енергетскиот сектор, финансиите, здравството, банкарството, образованието, медицинскиот менаџмент и многу други индустриски гранки. Наша мисија е да создадеме најдобра вредност за нашите клиенти и да им овозможиме да ја надминат својата конкуренција.

Јасмина Антиќ-Атанасовски

Каков е пазарот на труд за ИТ-инженери во Македонија, а каков во Пелагонскиот Регион?

- Во моментов, а веројатно и во наредните неколку години ова ќе биде едно од најгорливите прашања за секоја ИТ-компанија во Македонија, а и во регионот. Потребата од ИТ-кадри постојано расте не само кај нас, туку и во целиот свет. Потребата од аутсорсирани услуги кај странските компании е огромна, што од друга страна за нас е голем предизвик, како во делот на пронаоѓање и задржување на клиентите така и во делот на пронаоѓање вистински професионалци кои ќе ги следат мисијата и визијата на нашата компанија.
Сè поголем е бројот на инженери што ја напуштаат Македонија во потрага по подобар и поквалитетен живот. Во последно време загрижува фактот дека и покрај компетитивните плати и услови за работа, младите не заминуваат повеќе само заради финансискиот и егзистенцијален момент, туку заради квалитетот на животот кој секојдневно го имаат.

На ниво на Пелагонискиот Регион, би рекла дека имаме доста заминувања во Скопје, но, сепак, со зголемена соработка со високообразовните институции успеваме да дојдеме до кадри кои во рамките на нивното вработување кај нас добиваат соодветна обука и ментор кој ги упатува во нивниот професионален развој и градењето на кариерата. Радува фактот дека со условите што ги нуди „Интерворкс“ за секој вработен успеваме да привлечеме кадри од цела Македонија (па и од Скопје), а сакајќи да создадеме подобри услови за сите наши вработени, во текот на 2018 година ја отворивме канцеларијата и во Прилеп. Со ова нашите вработени се поблиску до своите семејства и пријатели, а се намалија трошоците во време и финансии во однос на секојдневното патување до работното место.
Како ИТ-компанија од Битола, во моментов броиме најмногу вработени во овој регион. Ова се должи на постојаното инвестирање во вработените, во компанијата и во заедницата. Сè повеќе ИТ-инженери го препознаваат потенцијалот што го имаме, можностите за развој што се нудат во „Интерворкс“, па и интересот за вработување постојано е голем.

Со какви проекти и технологии може да се пофали „Интерворкс“?

- Нашите проекти се од идеја до реализација и лесно се имплементираат кај нашите светски познати клиенти. Сме имале соработка со најголемиот безжичен оператор во Америка, втората најголема здравствена организација во Америка и многу други. Како што споменав во првото прашање, работиме со најразлични технологии од интеграција до оперативна поддршка. Разбирање на потребите на клиентот и испорачување најдобри решенија за него е нашата секојдневна работа. Наш постојан стремеж е да ги следиме и применуваме најсовремените технологии во областа на интеграцијата (SnapLogic, MuleSoft, TIBCO), развојот на комплексни апликации (PHP и Microsoft), развојот на мобилни апликации, Cloud AWS, контрола на квалитет и тестирање, менаџмент и поддршка (дата-менаџмент, менаџирање на процеси и проекти, оперативна поддршка).

Од кога постои одделот за човечки ресурси во „Интерворкс“?

- Одделот за човечки ресурси постои од минатата година. Пред формирањето на овој оддел компанијата функционираше без особени тешкотии во делот на менаџирање на вработените, но во почетокот на 2018 година ја достигнавме бројката до 100 вработени. Освен бројот на вработените, врз донесувањето на одлуката за формирање на овој оддел влијаеше и современото менаџирање на компаниите во цел свет, односно прифаќањето на вработените како најважен ресурс на компанијата и постојаната грижа за нивниот професионален и личен развој.


Кои се идните планови на компанијата?

- Растот и развојот на компанијата продолжуваат. Изминатата година беше успешна, добивме нови проекти и нови клиенти. Ова значи дека потребата од нови вработувања во следниот период ќе биде голема.
Во моментов се фокусираме на отворањето на нашиот Интерворкс - Едукативен центар, кој по својата програма и начин на работа ќе биде единствен во регионот, а и пошироко. Дел од нашата работа се и иновациите, па така, Едукативниот центар ќе понуди малку поинаква, поквалитетна и посеопфатна програма која е резултат на истражувањата и искуствата на нашите професионалци.
Едукативниот центар ќе биде „отскочна штица“ за вработување на сите оние што не успеале да се стекнат со соодветно програмерско знаење, а сакаат да се дел од ИТ-заедницата. Едукативниот центар ќе биде дополнување на сето академско знаење за секој студент, што пак ќе му овозможи поголема конкурентност на пазарот на труд и полесно вработување.
Нашите планови и очекувања се дека секој што успешно ќе ги заврши планираните модули ќе може лесно да се вклопи во речиси секоја ИТ-компанија, и освен технички знаења и предавања, слушателите ќе обработуваат и теми во делот на „меки вештини“ кои во моментов се број 1 предуслов за кое било вработување. Иако сè уште официјално не е отворен Едукативниот центар, интересот веќе голем и постојано имаме прашања и кандидати кои почнаа да се пријавуваат. Примамлива е информацијата дека на секој слушател му е отворена можноста за вработување во „Интерворкс“, да биде меѓу најдобрите, а целокупната инвестиција во неговото знаење ќе му биде вратена доколку кандидатот се вработи во нашата компанија.








(Комерцијална објава)