Науката на продажба - плаќаат за да бидат вклучени како автори на научни трудови

Науката на продажба - плаќаат за да бидат вклучени како автори на научни трудови

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Светските издавачи истражуваат тврдења за постоење многу огласи за продажба на авторски научни трудови. Како што пишува научниот медиум „Нејчр“, досега биле повлечени десетици текстови поради сомнежи дека некои луѓе платиле за да бидат вклучени како автори иако не учествувале во истражувањето.

Поголемиот дел од овие огласи се објавени на социјални мрежи „Фејсбук“ и „Телеграм“, но и на веб-страници на компании кои нудат услуги за објавување академски содржини. Тие најчесто го вклучуваат името на трудот, списанието во кое се објавува, годината на објава и местото на автор кое може да се купи. Цените се движат од стотици до илјадници долари, во зависност од областа и престижот на списанието.

Овие огласи масовно почнале да се појавуваат во 2019 година. Ана Абалкина, економист од Слободниот берлински универзитет, и Ник Вајз, инженер од Универзитетот на Кембриџ, почнале да ги анализираат овие огласи фокусирајќи се на веб-страници од Русија и од Источна Европа.

Во анализата тие откриле над 1.000 огласи за авторство со вкупна вредност од над 6,5 милиони долари објавени од 2019 до 2021 на руска веб-страница. Вкупно 460 објавени трудови биле поврзани со овие огласи.

Списанијата сега ги истражуваат и ги повлекуваат трудовите што се поврзуваат со огласите. Албакина смета дека измамничките издавачи се основани од лица кои претходно воделе списанија што објавуваат трудови за пари без да го проверат квалитетот на трудовите.

Истовремено, пазарот за авторство се развива бидејќи во многу земји истражувачите се оценувани врз основа на бројот на трудови што ги објавиле, па некои одлучуваат да платат за тоа.

Извор: Nature
Насловна фотографија: Freepik