Образованието не само што нѐ прави попаметни, туку и ги штити нашите црева, покажува истражување

Образованието не само што нѐ прави попаметни, туку и ги штити нашите црева, покажува истражување

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Различни делови од нашите тела се меѓусебно поврзани, а здрав орган во една област често може да укаже на благосостојба во друга област. Земете ја, на пример, потенцијалната врска помеѓу повисокото ниво на образование и намалениот ризик од развој на болести на дебелото црево. Истражувањето кое ја анализира оваа врска се надоврзува на претходната студија, која открила генетска врска помеѓу Алцхајмеровата болест и гастроинтестиналните проблеми.

Во новото истражување научниците анализира податоци на 766.345 испитаници кои биле вклучени во студиите на геномот и ги набљудувале односите помеѓу Алцхајмеровата болест, специфичните когнитивни особини и голем број цревни нарушувања, како што се пептичен улкус (ПУД), гастритис, гастроезофагеален рефлукс (ГЕРБ), синдром на нервозно дебело црево, дивертикулоза и воспалителна болест на цревата (ИБД).

Тие откриле силна генетска врска помеѓу когнитивните способности и повеќетo цревни болести, освен ИБД. Експертите веруваат дека оваа врска може да зависи од влијанието на одредени делови од генмот. Анализата базирана на гени откри значително генетско преклопување на когнитивните особини со Алцхајмерова болест и гастроинтестинални нарушувања.

Овој однос може да биде и релативно директен. Менделовата рандомизација покажа дека факторите како образованието и повисоката интелигенција го намалуваат ризикот од развој на одредени цревни заболувања.

Менделовата рандомизација е статистичка техника што ја користат генетските епидемиолози за да ги утврдат причинско-последичните ефекти, на пример, дали биомаркерот влијае врз ризикот од болеста или е само статистичка асоцијација. Покрај тоа, научниците пронашле докази дека ГЕРБ предизвикал одреден когнитивен пад како што е намалената интелигенција. А се чини дека овој однос меѓу нашите црева и мозокот е двонасочен.

- ГЕРБ може да биде ризик-фактор за когнитивно опаѓање, па затоа е важно здравствените работници да бараат знаци или симптоми на когнитивна дисфункција кај пациенти што ја имаат оваа болест - вели генетичарот Емануел Адевуи од Универзитетот „Едит Кауан“.

Поттикнувањето на образованието може да го намали ризикот од цревни заболувања

Многубројни истражувања ја проучувале врската помеѓу цревата и мозокот. На пример, јадењето здрава храна потенцијално може да го намали нивото на стрес. Како точно се јавува оваа врска, сè уште не е јасно, но врската помеѓу нашиот мозок и нашиот дигестивен систем се чини дека е една од најсилните што постои - а проблемите на едниот крај од овој синџир може да доведат до проблеми на другиот.

- Нашите резултати покажуваат дека поттикнувањето на образованието може да го намали ризикот од цревни заболувања. Социјалните и политичките стимулации за развој на образовни достигнувања може да придонесат за повисоки нивоа на интелигенција, што може да доведе до подобри здравствени резултати, вклучително и намален ризик од развој на цревни болести - вели Адевуи.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik