Гледачите се воодушевени од новата вестерн-серија на „Нетфликс“
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
На почетокот од јануари на „Нетфликс“ пристигна американската вестерн-серија наречена „Древна Америка“ (англ. Аmerican Primeval), составена од 6 епизоди, која нуди брутален и емотивен поглед на освојувањето на американскиот Запад. Серијата предизвика голем интерес кај сите љубители на филмот.
Нa IMDb серијата има високи 8,2 од 10, на „Ротен томејтос“ критичарите ја оценија со 67 отсто, додека гледачите ѝ дадоа 88 отсто.
Дејството на серијата е сместено во 1857 година, период кога конфликти за територии, религија и култура го обликувале лицето на Америка. Главниот лик, Исак, кој го глуми Тејлор Китч, е човек трауматизиран од минатото, кој се бори со своите внатрешни демони додека се обидува да преживее.
Серијата го прикажува познатиот масакр во Маунтин Медоус, каде што мормоните во Ута убиле најмалку 120 американски мигранти кои патувале кон Калифорнија со цел да се населат таму.
Покрај Тејлор Китч, серијата има и впечатлива актерска екипа. Главните улоги ги имаат Ким Коутс како Бригам Јанг, лидерот на Мормонската црква кој е подготвен да направи сѐ за да го обезбеди опстанокот на своите прогонети следбеници, Џај Кортни како ловецот на награди Вирџил Кутер и Бети Гилпин како Сара Ровел, мајка која бара водич за безбедно да ја премине опасната граница со својот син.
Овој дел од американската историја е претворен во серија благодарение на сценаристот Марк Л. Смит, кој го напиша и сценариото за филмот „Повратник“ (англ.The Revenant), и режисерот Питер Берг.
Гледачите беа импресионирани од тоа што серијата ја прикажува целосната приказна и нема потреба да се чека втора сезона, со оглед на тоа дека станува збор за мини-серија.
Извор:
Index.hr
Фото:
Twitter