И тоа е можно: Супербогатите бараат да плаќаат повисоки даноци затоа што се премногу богати

И тоа е можно: Супербогатите бараат да плаќаат повисоки даноци затоа што се премногу богати

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во една од најнеобичните иницијативи досега, група милионери и милијардери бараат од владите низ светот да ги оданочуваат повеќе – и тоа не за да се спасат, туку затоа што се свесни за огромната економска нееднаквост и негативните последици што екстремното богатство го има врз општеството.

Во истражување спроведено меѓу 2.902 милионери од земјите на Г20, откриено е дека многу од нив се загрижени поради концентрацијата на богатството во рацете на мал број луѓе. Резултатите од анкетата беа објавени во отворено писмо под наслов „Мораме да повлечеме црта“ (англ. We Must Draw The Line), испратено до светските лидери на економскиот форум во Давос. Писмото потпишано од повеќе од 370 милионери и милијардери предупредува на последиците од континуираното зголемување на богатството на најбогатите и неговото влијание врз демократијата.

- Мал број луѓе ги контролираат медиумите, го манипулираат правниот систем и влијаат врз политиката во корист на нивните интереси, додека демократските процеси се поткопуваат - велат милионерите во писмото.

Според нив, економскиот систем е подложен на сериозна опасност ако продолжи оваа концентрација на моќ. Тие истакнуваат дека не сакаат повеќе моќ или влијание, туку да се изгради пофер економски систем кој ќе служи за сите луѓе.

- Ние сме луѓе што имаат богатство. Знаеме дека со пари може да се купи пристап. Нашето искуство ни кажува дека на супербогатите им се нуди повеќе глас отколку на сите други. Ова е непријатна вистина. Довербата во нашите демократии опаѓа бидејќи политичките лидери потрошија премногу време за да нѐ задоволат нас, класата на политички донатори, а премалку за сите други луѓе. Резултатот е најлошата нееднаквост во последните сто години - пишуваат тие.

Милионерите што учествувале во истражувањето се уверени дека екстремната концентрација на богатство води до политички влијанија кои го загрозуваат праведното функционирање на демократските општества. Тие ги предупредуваат јавноста и политичките лидери дека богатството не само што купува пристап до политички влијанија, туку и ја погодува самата структура на демократските процеси.

Меѓу потписниците на писмото се познати личности како Абигејл Дизни, Брајан Ено, Ричард Кертис и Чак Колинс, кои ја истакнуваат потребата од системски промени кои ќе ја прекинат наследената концентрација на богатство. Особено загрижени се за тоа како огромниот раст на богатството кај мал број поединци може да доведе до создавање „наследни аристократии“, каде што моќта и богатството ќе се пренесуваат од генерација на генерација.

Според последните податоци, богатството на најбогатите луѓе продолжува да расте со неверојатна брзина. Анкетата покажува дека на крајот од 2024 година Америка имаше 813 милијардери чија вкупна вредност изнесуваше 6,7 билиони долари, што е повеќе од бруто-домашниот приход на многу земји. Ова не само што ја потврдува зголемената економска нееднаквост, туку и укажува на тоа дека влијанието на супербогатите лица станува сѐ поизразено во сите аспекти на животот, од медиумите до правото и политиката.

- Без вистински чекори за намалување на екстремната нееднаквост, ќе бидеме сведоци на создавање нови олигархии, кои ќе ги контролираат демократските процеси и ќе ја поткопаат правдата - предупредуваат авторите на писмото, кои се залагаат за поголеми даноци за најбогатите како решениe за оваа глобална криза.

Се очекува милијардерите низ светот да префрлат 6,3 билиони долари во следните 15 години. Според „Оксфам“, во САД, во следните 25 години, најбогатите 1,5 отсто од домаќинствата се подготвени да наследат не помалку од 30 трилиони долари, додека веќе 36 отсто од богатството на милијардерите е наследено.

Стапката на раст на богатството во 2024 година била трипати побрза отколку во 2023 година, открива истражувањето за нееднаквост на „Оксфам“, при што богатството на светските милијардери се зголемило за два билиони долари во 2024 година.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik