„Лична интелигенција“: Вештачката интелигенција сега ги знае вашите навики, патувања и стил на живот

„Лична интелигенција“: Вештачката интелигенција сега ги знае вашите навики, патувања и стил на живот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Гугл“ ја користи својата технологија за вештачка интелигенција за да му овозможи на пребарувачот нов увид во интересите, навиките, плановите за патување и фотографиите на корисниците, со цел да обезбеди персонализирани одговори.

Новата опција ќе им даде можност на луѓето да ја вклучат неодамна претставената алатка наречена „Лична интелигенција“ во рамки на ВИ-режимот достапен на „Гугл“ пребарувањето од минатата година.

Како функционира новата опција?

Доколку се вклучи, новата алатка ќе го поврзе ВИ-режимот на „Гугл“ со апликациите „Џимејл“ и „Гугл фотос“, за технологијата да може да научи повеќе за животот на секој корисник и да обезбеди порелевантни одговори, приспособени на личните вкусови.

На пример, некој може да побара предлози за викенд-патување и да добие брза препорака заснована на претходни патувања и искуства. Во ВИ-режимот, пребарувачот може автоматски да ги знае омилените ресторани на корисникот или да препознае претпочитани стилови на облекување преку прегледување стари слики зачувани во „Гугл фотос“.

Доверба на корисниците


- Личната интелигенција го претвора пребарувањето во искуство што изгледа единствено ваше, преку поврзување информации од различни гугл-апликации - напиша во блог-пост Роби Штајн, потпретседател во гугл-срч. Штајн, исто така, предупреди дека личната интелигенција нема секогаш да ги дава најдобрите одговори, што е недостаток кој корисниците можат да помогнат да се поправи преку повратни информации.

На почеток, технологијата ќе биде понудена во САД за претплатниците на „Гугл про“ и „Ултра“, а и како опција во експерименталниот оддел „Лабс“ за сите со личен гугл-профил.

Вклучувањето на опцијата ќе бара од корисниците да ѝ веруваат на пребарувачката услуга на „Гугл“ дека ќе ги заштити деталите од нивниот живот. Сепак, милиони луѓе тоа веќе имплицитно го прават со децении, внесувајќи понекогаш интимни пребарувања или споделувајќи лични податоци во „Џимејл“ и апликацијата „Фотос“.

Извор: N1info.hr
Фото: Freepik