Нобелов центар: Како изгледа вториот обид на проектот што Стокхолм еднаш го одби
По речиси една деценија од првата најава, проектот за Нобеловиот центар во Стокхолм повторно е ажуриран. Нобеловата фондација презентира ново архитектонско решение потпишано (повторно) од студиото „Дејвид Чиперфилд архитектис“, со најава дека изградбата може да почне во 2027 година и ќе биде завршена до 2031 година.
За разлика од претходниот обид, кој беше запрен со судска одлука во 2018 година, новиот Нобелов центар повеќе не е планиран на Блазиехолмен, туку во областа Слусен - од другата страна на брегот.
Зошто првиот проект не успеа?
Оригиналниот Нобелов центар беше планиран во непосредна близина на историското јадро на градот, на локацијата Блазиехолмен. Проектот наиде на силен отпор од јавноста, експертите и институциите за заштита на културното наследство.
Клучен момент се случи во 2018 година кога шведскиот суд пресуди дека предложената зграда претставува неприфатливо посегнување по заштитениот пејзаж на крајбрежјето на градот. Пресудата практично значеше крај на тој проект, а Нобеловата фондација беше принудена целосно да ги суспендира плановите и да ја преиспита идната стратегија.
Новата стратегија пристигнува осум години подоцна и со преместување на нова локација - помеѓу Содермалм и познатиот Гамла Стан, на местото каде што езерото Меларен се влева во Балтичкото Море.
Како дел од сеопфатната трансформација на Слусен во мрежа од јавни простори, транспортни врски и културни објекти, Нобеловиот центар е замислен како важен дел од новиот градски коридор. Проектот придонесува за формирање континуирана пешачка патека што ги поврзува Музејот за фотографија „Фотографиска“, Стадсмузеет и шеталиштето на крајбрежјето.
Дрвена конструкција, тула на фасадата
Приземјето на зградата е замислено како продолжение на јавниот простор, со нагласена транспарентност. Отвореното плато пред зградата продолжува во внатрешното ниво со северни и јужни влезови, а ќе има и јавно фоаје во кое бидат сместени продавница и ресторан.
Изборот на материјали го одразува фокусот на долготрајност и одржливост. Конструкцијата главно се базира на дрвен систем за носење товар, додека фасадата е планирана да содржи повторно употребена црвена тула, со што проектот се потпира на долгата традиција во архитектурата во Стокхолм.
Дали проектот ќе се реализира?
Нобеловиот центар е замислен како отворена граѓанска институција, а не само како музеј. Програмата ќе вклучува постојани и повремени изложби, предавања, работилници и културни настани посветени на науката, литературата, мирот и современите глобални предизвици. Исто така, оригиналниот ракопис од тестаментот на Алфред Нобел ќе биде трајно изложен во јавниот простор на центарот.
Извор: gradnja.rs
Фото: Instagram screenshot