Зошто новите автомобили се толку скапи
Новите автомобили или камионети во просек чинат 50.000 долари (43.000 евра).
- Повеќе од една година цените на новите возила бележат стабилен раст. По врвот во септември, цените останаа во голема мера стабилни на нешто под 50.000 долари - наведува Кели Блу Бук во извештајот на компанијата „Кокс аутомотив“.
Зошто автомобилите се толку скапи и колку долго ќе трае тоа?
Компјутерски чипови
Уште од периодот на пандемијата има недостиг на потребните чипови. Тој недостиг го ограничи производството на нови возила. Тоа беше класична приказна за понудата и побарувачката.
- Кризата со чиповите имаше влијание врз она што беше достапно. Производителите на автомобили се фокусираа на возила со повисоки маржи на профит за да го извлечат максимумот од ограниченото количество чипови што им се на располагање - истакнува Стефани Бринли, аналитичарка во „С&П глобал мобилити“.
Оттогаш, недостигот на чипови се намали. Но, откако цените ќе се зголемат, тие честопати никогаш не се враќаат на претходните нивоа.
Електрични возила
Производството и продажбата на електрични возила се зголемија. Администрацијата на претседателот Џо Бајден во Соединетите Американски Држави сакаше повеќе електрични возила за да се намалат емисиите на стакленички гасови од моторите со внатрешно согорување. За да произведат повеќе електрични возила, производителите инвестираа во производство на батерии и фабрики за електрични автомобили. Тоа чини повеќе од производството на традиционални возила со мотори со внатрешно согорување, со оглед на обемот на потребни инвестиции. Ова ја зголеми просечната цена на сите возила.
Администрацијата на Доналд Трамп не е наклонета кон електричните возила. Сепак, испораките на електрични возила продолжуваат да растат. Иако со побавно темпо отколку што очекуваше администрацијата на Бајден.
Преференции на потрошувачите
- Автомобилите се стока за широка потрошувачка и, како и со другите преференции на потрошувачите, постои инфлација на преференции - вели Ерин Китинг, извршен аналитичар во „Кокс Аутомотив“.

Просечната цена од 50.000 долари што ја наведува Кели Блу Бук е базирана на реалната продажба на возила. Купувачите често се одлучуваат за поскапи модели. Како што вели таа, потрошувачите се свртуваат кон поголеми и поскапи возила.
Царински давачки
Администрацијата на Доналд Трамп објави царини за различни стоки, вклучувајќи автомобили и камиони, на почетокот од 2025 година. Царинските давачки им се наплаќаат на увозниците, а овие трошоци обично се пренесуваат на потрошувачите. Поради царините, производителите на автомобили и добавувачите ги приспособуваат своите стратегии. Американските производители се обидуваат да најдат добавувачи со поголем удел во домашното производство за да ги намалат трошоците за царини.
- Не претеруваме со реакцијата и не ги менуваме добавувачите масовно и преку ноќ - вели Свен Хенеке, извршен потпретседател за набавки во „Форвија Хела“.
Сепак, се очекува царините дополнително да ги зголемат цените во 2026 година.
Извор: forbes.n1info.rs
Фото: Freepik