„Јутјуб“ воведува нови правила - исчезнуваат коментарите и описот на видеата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Јутјуб“ повторно тестира нови мерки против блокаторите на реклами, а корисници пријавуваат исчезнување на коментарите и описот на видеата во веб-верзијата.
„Јутјуб“ во последните години континуирано ја заострува борбата против блокаторите на реклами, но тој судир сè уште нема јасен крај. По секоја нова мерка дел од корисниците многу брзо наоѓаат начин да ја заобиколат.
Во текот на изминатата седмица на „Редит“ се појавија поголем број пријави од корисници кои забележале дека при гледање видеа им исчезнуваат описот и секцијата со коментари. Иако точната причина сè уште не е потврдена, речиси сите пријавени случаи имаат една заедничка карактеристика - користење блокатори на реклами.
Проблемот најчесто се јавува во веб-верзијата на „Јутјуб“, и тоа во прелистувачи како „Брејв“, „Мајкрософт еџ“ и „Гугл хром“. Мобилната апликација засега не е засегната. Интересно е што грешката не се појавува кај сите корисници што користат блокатори на реклами.
Некои корисници истакнуваат дека коментарите често се враќаат по освежување на страницата, но тоа бара рачна интервенција секојпат кога ќе се појави проблемот. Ова дополнително создава конфузија бидејќи не е јасно дали авторот ги исклучил коментарите или станува збор за техничка грешка.
Засега нема потврда дали станува збор за намерна мерка на „Јутјуб“, со која по детектирање блокатор на реклами се ограничуваат одредени функции, или причината е грешка настаната по ажурирање на самите екстензии за блокирање. Компанијата сè уште нема официјална изјава по ова прашање.
„Јутјуб“ веќе подолго време применува различни тактики против блокирањето реклами. Претходно беа забележани случаи во кои прегледите од корисници со вклучени блокатори на реклами не се броеле, а се споменува и намерно забавување на репродукцијата или целосно оневозможување пристап до сервисот. Сето тоа укажува дека притисокот врз корисниците кои избегнуваат реклами продолжува и во 2026 година.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Freepik