Мачките можат да помогнат во лекувањето на ракот на дојка, покажува истражување
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Освен што се одлични домашни миленици, мачките би можеле да ни помогнат подобро да разбереме, а можеби дури и подобро да лекуваме одредени видови рак, вклучувајќи го и ракот на дојка, соопштија група меѓународни истражувачи.
Во истражување објавено во списанието „Сајнс“, експерти од ветеринарната и хуманата медицина ги истражувале можните сличности меѓу луѓето и мачките поврзани со ракот.
- Иако ваквите врски меѓу кучињата и луѓето беа истакнати во претходни истражувања, практично ништо не постоеше кога станува збор за мачките - вели Луис ван дер Вејден, истражувачка по онкогенетика во британскиот институт „Велком сангер институт“ и коавтор на истражувањето.
- Меѓутоа, мачките, како и кучињата, се одлични модели за нас бидејќи се изложени на истата средина, вклучувајќи загадување и пасивно пушење, и развиваат исти болести како и ние, како што се ракот и дијабетесот - додава Луис.
Врз основа на тој принцип, Луис и нејзините колеги анализирале примероци од канцерогени тумори кај околу 500 домашни мачки од пет земји, опфаќајќи 13 различни видови рак.
Бидејќи ракот е предизвикан од генетски мутации, тимовите барале промени во ДНК на овие туморски клетки, слични на оние што веќе се идентификувани во хуманата медицина.
Се појавиле повеќе сличности меѓу двата вида, особено во однос на ракот на дојка. Кај повеќе од 50 отсто од анализираните тумори на млечните жлезди кај мачките, генот наречен FBXW7, кој веќе е идентификуван во хуманата медицина, бил откриен како мутиран.
Иако оваа мутација не е многу честа кај жените со рак на дојка, таа предизвикува особено агресивен тип на рак кај оние што ја имаат, нагласува Луис, посочувајќи дека овие карциноми на дојка се исто така многу агресивни и кај мачките.
- Ова откритие е извонредно бидејќи би можело да отвори пат кон нови третмани - додаде таа.
Додека спроведувањето клинички испитувања кај луѓе е комплицирано поради многу малиот број заболени пациенти, оваа мутација е многу честа кај мачките, па затоа насочените третмани би можеле полесно да се тестираат во ветеринарни клиники.
Охрабрени од оваа паралела, швајцарски истражувачи спровеле дополнителни експерименти на овие примероци и откриле дека два хемотерапевтски третмани изгледале многу ефикасни против туморите што ја носат оваа мутација. Иако овие резултати допрва треба да се потврдат со понатамошни истражувања, тие би можеле да им користат и на жените и на мачките бидејќи овие лекови веќе се одобрени за употреба кај луѓе и животни.
Сепак, амбицијата не е исклучиво да се помогне во истражувањето на ракот кај луѓето, вели Луис ван дер Вејден, која нагласува дека овие откритија треба да се искористат и за подобро лекување на нашите четириножни пријатели, нудејќи им, на пример, насочени терапии што веќе се користат кај луѓето.
Ваков пристап би бил добивка и за животните и за луѓето, додава таа.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik