Мистериозниот милијардер - човекот што ги создаде „нутела“, „киндер“ и „тик так“ никогаш не даде интервју
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Мишел Фереро, креаторот на „нутела“, бонбоните „тик так“ и „киндер“, на многу начини беше како Вили Вонка од реалниот свет на чоколадите - со сопствена митологија. Според легендата, во својата лична лабораторија во Северозападна Италија, Фереро поминал пет години обидувајќи се да открие како да ги свитка обландите што се наоѓаат во неговите прочуени топчиња „фереро рошер“.
Повлечениот Фереро зборувал на дијалектот на родниот Пиемонт и починал без никогаш да даде интервју за ниту еден весник. Сепак, додека ја избегнувал јавноста, изградил мултинационална компанија која во 2013 година остварила приход од 8,1 милијарди евра и им конкурирала на гиганти како „Нестле“, „Монделез интернешнл“ и „Крафт фудс“.
Фереро бил роден во 1925 година во Алба, каде што и денес се наоѓа седиштето на компанијата, а мирисот на
„Нутела“ од фабриката се шири низ градот. Алба е во близина на Торино, каде што Џани Агнели ја изградил својата ФИАТ-империја, во регион познат по гастрономијата. „Бароло“, „кралот на вината“, потекнува од лозјата на околните ридови, додека во шумите околу Алба во октомври можат да се најдат бели тартуфи.
Првиот производ „паста џандуја“
Темелите на бизнисот ги поставил таткото на Мишел, Пјетро Фереро, кој во повоените години дошол на идеја да направи благо слично на чоколадо користејќи поевтини лешници, кои ги имало во изобилство околу Алба, наместо скапо какао. Килограм од таканаречената „паста џандуја“ тогаш чинел, пресметано во денешни пари, околу 30 центи, додека килограм чоколадо чинел околу 1,50 евро.
До 1950 година 200 камиони го дистрибуирале ова благо низ цела Италија. Неколку години подоцна, тој број се зголемил за четири пати.
Фереро почнал да работи во семејниот бизнис на 20 години, а веќе на 32 го водел. Луѓето што го познавале велат дека идејата на татко му да ги потисне луксузните чоколади од пазарот ја надградил со производи што истакнувале „повеќе млеко, помалку чоколадо“. Тоа бил внимателно осмислен маркетиншки потег што ги намалувал трошоците, но и одговарал на растечката свест на потрошувачите за здравјето.
Имал и вродено разбирање за меѓународната продажба. Компанијата во 1956 година влегла на германскиот пазар со производот „мон шери“, чоколади полнети со ликер од вишна. Денес групацијата вработува 21.600 луѓе во 18 фабрики во Европа, Австралија, Латинска Америка и САД. Лидер е на повеќето пазари во Западна Европа, со исклучок на Обединетото Кралство. Сепак, најголемата вештина на Фереро била разбирањето на детските желби.
- Никогаш не потценувајте го детето - рекол тој, а е цитиран во книгата „Нутелa - еден италијански мит“, чиј автор е Џиџи Падовани.
Одбивал понуди за преземање компании
Неговата аверзија кон публицитет и ризик го навела во 2009 година да ја одбие идејата за понуда за преземање на компанијата „Кадбури“, која на крајот ја купил Крафт.
Во последните години, сепак, компанијата ја погодиле трагедии и неизвесности што Фереро отсекогаш настојувал да ги избегне. Неговиот најстар син, Пјетро Фереро Џуниор, загинал во велосипедска несреќа во април 2011 година, оставајќи ја компанијата без наследник. Работата потоа ја презел неговиот втор син, Џовани Фереро.
Извор:
BIZLife
Фото:
Wikipedia