Од снежните врвови до амфитеатрите на УКЛО: Патот на Ева Милевска кон извонредноста
Младата и амбициозна скијачка Ева Милевска е пример како спортот и образованието можат да одат рака под рака. Покрај професионалните предизвици на снежните патеки, таа успешно ги гради и своите академски темели како студентка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола.
Токму во академска средина која поттикнува извонредност и развој на повеќе полиња како УКЛО, Ема успева паралелно да ги негува и спортската кариера и студиите на Правниот факултет, градејќи стабилна основа за својата иднина.
Во разговорот што следува, таа искрено зборува за предизвиците, жртвите и мотивацијата што стојат зад нејзиниот успех како на ски-патеките така и во амфитеатрите на УКЛО. Нејзината приказна е доказ дека со добра организација, јасна цел и многу посветеност, можно е да се чекори сигурно по повеќе патеки истовремено.
Скијање и личен развој
Како започна твојата љубов кон скијањето и што значеше твоето прво големо натпреварување во Европа?
- Мојата љубов кон скијањето беше ,,љубов на прв поглед“, на само четвртиот ден од моето застанување на скии имаше Пелистерски велеслалом на кој бев најмал натпреварувач и видов дека иако е во мал број, иако имаше жичница од Југославија или само природен снег без никакви технологии, сепак има мала страсна заедница во Битола која го сака скијањето и живее за патеките, брзината и ризикот и која истовремено те прави да се чувствуваш како на врвот на светот. А јас по таа трка и по тој пехар станав најстрасната на само пет години, едноставно знаев дека мојата приказна е испишана и дека мојот пат ме води кон скијањето. Мојот прв настап на Европа куп беше оној брош што ме закити со „Да, за ова се борев, за ова сонував и не сакам никогаш да се пробудам“, без трема или притисок, само мисла дека конечно сите дванаесет години одделенa од најблиските, цела пожртвуваност финансиска, физичка и психичка, не била без причина и баш овој настан е отскочна штица за мојата светска и историска кариера во спуст и супер велеслалом. Дисциплини каде што брзината е идентична како автомобил на автопат, само без заштита, сѐ тоа на моето тело и скии.
Кои вредности или вештини од скијањето чувствуваш дека ти помагаат во секојдневниот живот и студиите?
- Со суровиот свет се запознав многу млада поради суровоста на скијањето. Тоа не е спорт што трае два часа во сала оддалечена на два километри и потоа продолжува нормалиот живот. Мора да одиме и да ,,трчаме по снегот” во државите кои имаат Алпи. Цело време на минус температури и екстремни услови на три до четири илјади метри надморска висина и сето тоа го правиш со љубов и уживаш во процесот на сите лоши и добри денови бидејќи не може едно без друго. Сепак, тоа е незамисливо за голем дел луѓе. Најголемата вештина ми е истрајноста и трпеливоста што покрај сите овие работи една лоша вест или непланирана работа не те демотивира, ни спречува. Само ми дава сила и моќ да ја анализирам ситуацијата и да се потрудам максимално да ја постигнам целта со препреки. Како што е и во секојдневниот живот, но и процесот на студирање.
Дали скијањето те научи на нешто што подоцна ти помогна да се справиш со обврските на студиите или други предизвици?
- Скијањето е динамичен спорт не само на терен, туку и во организацијата во сезона. Многу трки се откажуваат, многу километри поминати во комбе и календар каде што секој ден е исполнет. Тоа ми помогна за организација на обврските што морам да ги исполнам и завршам за да имам успех на двете полиња и клучот за да можам да седам на двата стола е само добра и прецизна организација.
Студирање и Правен факултет
Како успеваш да најдеш рамнотежа помеѓу интензивниот тренинг и обврските на Правниот факултет?
- Како што споменав, иако организацијата е најбитна, не значи дека ги олеснува сите предизвици и недостигот на време. Тренинзите на снег се наутро, а физичките подготовки во сала се напладне. Времето за учење го наоѓам кога патуваме во комбе, кога ќе имаме време за одмор во текот на денот и со помалку време на спиење, но во граници да нема влијание врз мојот перформанс. Јас сум по природа перфекционист и за мене ризиците вредат, а кога ќе се согласам на нив, сакам и пробувам сто проценти да сум успешна.
Која правна тема од студиите ја сметаш за особено важна или би сакала да ја примениш во спортот (на пример, спортско право, договори, права на спортисти)?
- Мојата идеја е да се запознам со сите предмети, а потоа да одлучам што ме влечи најмногу. Во спортот во Македонија би кажала дека правдата не е во прв план и би сакала да ја променам таа ситуација со акредитирано знаење и оваа ситуација на спортот да има различна слика во нашата држава.
Алијансата КОЛОРС и социјална активност
Дали може да споделиш како вредностите што ги застапува КОЛОРС те инспирираат во твојата спортска кариера или студии?
- КОЛОРС Алијансата има вредности кои секако се дел од мојот спортски пат. Спортот секогаш промовира праведност и еднаквост, што значи правилата мора да се почитуваат и се основа на градење на спортскиот дух. Секако, се поистоветувам и со вредностите за квалитет кои КОЛОРС алијансата ги промовира, а тоа во професионалното скијање значи континуирани тренинзи, техника и посветеност.
Како мислиш дека млади луѓе – особено спортисти – можат да влијаат врз општеството преку организации како КОЛОРС?
- КОЛОРС не е само академска алијанса на европски универзитети, туку е и платформа на младите. Денес младите сакаат мобилност, размена со своите врсници од други земји, но мене особено ми е важна и можноста да разгледам како други земји промовираат двојна кариера, паралелно студирање и професионален спорт.
Врска помеѓу сите три сфери
Како гледаш на врската помеѓу спортот, образованието и активизмот — дали веруваш дека тие се надополнуваат и зошто?
- Според мене, спортот и образованието се надополнуваат, не мислам дека треба да се потпираме само на спортот затоа што тоа е кариера кој е ограничена со години, телото старее, се троши со повреди. И ако некои одлучат да останат во спортот како спортски работници, мислам дека треба да имаат соодветно знаење, на пример, односот кон децата во спортот и во скијањето на балканските простори е ужасен. Не може да ги хранат спортистите со супа од кеса, да нема точни и прецизни тестови за физичка подготвеност или слични ситуации што се доказ дека не е доволна само титулата на поранешен спортист за да се биде добар спортски работник.
Што би им порачала на млади девојки/млади луѓе кои се борат да балансираат помеѓу спорт, студии и ангажман во заедницата?
- Би им порачала дека мора да веруваат во нивните соништа, сѐ е возможно. Ние сме млади и полни со енергија, не се работи за долг неиздржлив период од дваесет години. Четири до пет години каде што има доволно простор да се запишеме на листата со историски успеси или, пак, за оние што рекреацијата ја прават за здравјето. Останува простор повеќе и за студирање и за исполнување на желбите и во таа сфера. Мислам дека баш спортувањето ми помогна многу во фокусот и сум многу продуктивна кога ќе посветам три часа на учење во денот во текот на една-две недели наместо затворена во соба три дни и ноќи само над книгата.
(Комерцијална објава)