Повикајте „Убер“ и добијте бесплатно возење до Лапонија или Доломитите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Компанијата „Убер“ продолжува да ја редефинира својата улога на пазарот префрлајќи го фокусот од градските улици кон најатрактивните туристички дестинации во светот.
Во рамките на својата нова стратегија за „искуствено патување“, технолошкиот гигант ја лансира услугата „Убер аурора“, бесплатна услуга во Лапонија наменета за оние што сакаат да ја доживеат магијата на поларната светлина кога е на врвот.
Оваа понуда доаѓа во идеален момент, за време на врвот на соларната активност, кога феноменот аурора бореалис е најинтензивен во последната деценија. Услугата „Убер аурора“ ќе биде достапна викендот на пролетната рамноденица, на 20 и 21 март, во Рованиеми.
Патниците што ќе успеат да резервираат место преку апликацијата ќе добијат шестчасовна тура водена од експерти од локалната агенција „Арктик Џи-ем“, потрага по најдобрите локации за набљудување и фотографирање. Исто така, вклучен е кетеринг и топли пијалаци за време на патувањето.
Статистиката на туристичката агенција „Искајгруп“ покажува дека интересот за северните земји е огромен, а бројот на резервации за Финска пораснал за неверојатни 2.300 отсто.
„Убер“ со моторни санки за Олимпијадата
Финска не е единствената дестинација каде што „Убер“ го тестира својот концепт. Во италијанските Доломити компанијата ја лансира услугата „Убер сноумобил“. Оваа тура ги води посетителите до подножјето на Тре-Чиме-ди-Лаваредо, локација која е под заштита на УНЕСКО.
Овој потег има и стратешка важност - локацијата се наоѓа само 23 километри од Кортина, каде што се одржуваа Зимските олимписки и параолимписки игри 2026. Услугата вклучува трансфер со автобус од Кортина до почетната точка, по што следува возење со моторни санки со професионални инструктори.
Како да резервирате?
Иако услугите како „Убер аурора“ се бесплатни, бројот на места е строго ограничен. Пријавувањето започнува на 5 март во 13:00 часот преку апликацијата на „Убер“.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Freepik