Во оваа продавница сѐ е бесплатно, но зад тоа стои генијален бизнис-план
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во Гринич Вилиџ, Њујорк, овие денови редиците пред продавницата се подолги од оние пред „Епл“ кога се претставува новиот „ајфон“. Причина? Отворена е продавницата „Полимаркет“, каде што сите производи се целосно бесплатни.
Сепак, зад овој великодушен гест не стои хуманитарна организација, туку една од најконтроверзните платформи за тргување во светот.
Што е „Полимаркет“?
„Полимаркет“ е таканаречен „пазар на предвидувања“. Наместо акции на компании, корисниците тргуваат со бинарни договори за исходот на реални настани од тоа кој ќе победи на Супербоул, преку одлуките на Федералните резерви за каматните стапки, до тоа која песна Бед Бани прва ќе ја испее на полувремето.
Како функционира „берзата на иднината“?
Механизмот е едноставен, но фасцинантен: купувате удел во исходот на некој настан по цена од 0 до 1 долар. Ако пазарот процени дека тимот има 70 отсто шанси за победа, договорот ќе чини 0,70 долари. Ако тимот победи, договорот добива вредност од 1 долар. Ако изгуби, вредноста паѓа на нула.
За разлика од традиционалните обложувалници, тука не се обложувате против „куќата“. Платформи како „Полимаркет“ и нивниот ривал „Калши“ овозможуваат корисниците да тргуваат меѓу себе, додека платформата зема само симболична такса. Суштината е во „мудроста на мнозинството“. Цената на договорот во реално време покажува колкави се шансите нешто да се случи, врз основа на парите што луѓето се подготвени да ги вложат.
Од забрана до инвестиција од 112 милиони долари
Патот до легализација во САД бил трновит. Во 2022 г. регулаторите го казниле „Полимаркет“ со 1,4 милиони долари и му наложиле да ги блокира американските корисници бидејќи работел без лиценца. Сепак, компанијата се врати на голема врата.
Во јули 2025 г. „Полимаркет“ потрошил 112 милиони долари за аквизиција на Кју-си-и-екс, лиценцирана платформа за тргување со опции. Овој потег му овозможил да добие одобрение во ноември.
Сепак, борбата не е завршена. Одредени сојузни држави, како Њујорк и Масачусетс, се обидуваат да ги блокираат, тврдејќи дека ова е само „прикриено коцкање“ што подлежи на посебни даноци.
Коцкање, инвестиција или забава?
Додека правниците се расправаат за дефинициите, парите продолжуваат да се влеваат. Се проценува дека за последниот Супербоул преку овие платформи поминале повеќе од 1 милијарда долари.
Сепак, експертите советуваат на претпазливост.
„Полимаркет“ успеа да направи нешто што некогаш барало докторска диплома за анализа на пазарот: ја претворил комплексната економска и политичка статистика во информации разбирливи за просечен корисник на мобилен телефон.
Без разлика дали ги гледате како иднина на предвидувањата или како дигитално казино, една работа е сигурна: пазарите на предвидувања станаа моќен инструмент кој во реално време го мери пулсот на светските настани.
А бесплатните производи во Њујорк? Тоа е само паметен потсетник дека на крајот на денот, секоја предвидена ситуација има своја цена без разлика дали е во долари или во житарки.
Извор:
BIZlife.rs
Фото:
Wikipedia