Со какви тешкотии се соочуваат олимпијците, младите треба да се предводници на еко-револуцијата, ова се дел од темите што ги работевме неделава

Со какви тешкотии се соочуваат олимпијците, младите треба да се предводници на еко-револуцијата, ова се дел од темите што ги работевме неделава

Подготвил: С.Ѓ.

Еколошки теми, проблеми на младите научни олимпијци, колку ја користиме комуникациската технологија, ова беа дел од темите со кои се занимававме неделава

Како ли им е на младите олимпијци кога се подготвуваат за учество на некоја светска олимпијада, а не знаат дали ќе имаат обезбеден авиобилет? Разговаравме со Александар Иванов, студент во прва година на Факултетот за математика и физика (насока физика) на Универзитетот во Љубљана, кој има освоено две бронзи на светски олимпијади по физика.


Александар Иванов

Да го зачуваме ова парче земја што ни е подарено затоа што немаме резервно. Ова може да стане и натпревар, а наградата ќе има огромна вредност - чиста и здрава животна средина, порачуваа младите ресенци, членови на Здружението за заштита на животната средина „Еко-герила Преспа“, чија приказна ја пренесовме неделава.


Средношколците од Ресен покажаа убав пример како може да се направи нешто добро за средината

Го следевме и еколошкото освестување и во Битола, на ученици од II6 клас од средното медицинско училиште „Јован Калаузи“. Нивната класна раководителка Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, професорка по англиски јазик, ги измотивира учениците да излезат и да чистат во запуштениот двор на Домот за доенчиња. Наставничката, која предава англиски јазик дузина години, го прифатила предизвикот на географското здружение „Геосфера“ од Битола и на Сојузот на жени од Битола за чистење со цел да се промени грдата слика од тој објект.


Добро завршена работа - II6 клас со нивната класна раководителка

Неделава ви го претставивме и Дарко Божиноски од Прилеп, постдокторанд во IRIDIA - лабoраторијата за вештачка интелигенција на Université libre du Bruxelles. Тој има само 28 години, а држи предавања заедно со професори кои се пред пензија.


Дарко Божиноски

Интересни одговори добивме на анкетата „Ги бараме позитивните искуства од комуникациската технологија“. Добивме 514 одговори, најмногу од млади читатели. Имено, 37,5 отсто од одговорите ги дале лица од 18 до 25 години, а 25 отсто од 25 до 35 години. Сепак, комуникациската технологија не е непозната за голем дел од повозрасните, па добивме одговори и од нив.


Ева Зетнер

Ева Зетнер, директорка на човечки ресурси на А1 Телеком Австрија групацијата, на втората конференција посветена на жената во дигиталната ера, организирана од Вип, говореше за тоа како дигиталната трансформација влијае врз менталната свест на вработените и што треба да направат компаниите за да им го трасираат патот.