Откриен најмалиот диносаурус што некогаш чекорел по Земјата

Откриен најмалиот диносаурус што некогаш чекорел по Земјата

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мало суштество кое во последните речиси сто милиони години било исклучително добро зачувано во килибар, во кој бил најден черепот, најверојатно е најмалиот пронајден диносаурус, истакнуваат авторите на неодамна објавена студија.

Истражувањето со наслов „Диносаурус со големина на колибри од периодот креда во Мјанмар“ е објавено на 11 март во списанието „Нејчр“, а истражувачите што работеле на него тврдат дека черепот на диносаурусот, кој потсетува на череп на птица, е помал од 2 сантиметра. Тоа сугерира дека целото суштество било со големина на пчелесто колибри или Mellisuga helenae, кое инаку е најмалата жива птица.

Наоѓањето на овој диносаурус би можело да им помогне на научниците да сфатат како може овие суштества да се толку мали.

- Ова ни открива сосема нов род на птици - вели Џингмаи О'Конор, палеонтолог од кинескиот Институт за палеонтологија и палеоантропологија на 'рбетници во Пекинг, која инаку е и коавтор на студијата.

О'Конор и нејзиниот тим му доделиле род и вид на ова животно - Oculudentavis khaungraae. Тие претпоставуваат дека диносаурусот бил тежок 2 грама и дека живеел во мезозоикот.

Инаку, фосилот е пронајден на северот од Мјанмар и се смета дека е стар 99 милиони години. Тој е многу добро зачуван за својата големина, вели О'Конор. Во малиот клун има десетина остри заби, што посочува дека се хранел со инсекти и други мали безрбетници. Очите му се испакнати од двете страни на черепот, што значи дека за разлика од повеќето современи предатори, тој диносаурус немал бинокуларен вид. Големината и староста на суштеството посочуваат дека минијатуризацијата кај птиците се случила многу порано отколку што мислеа научниците.

О'Конор тврди и дека следните истражувања на овој фосил, како што е потрагата по биомолекули во зачуваното меко ткиво, бараат напредни истражувачки техники кои нема да го оштетат примерокот.

Извор: Elementarium
Насловна фотографија: sci-news