Александра Спировска е тим-лидер на „Покерстарс“:  „ИТ-индустријата е таква што ако не се надградуваш постојано, многу брзо ќе заостанеш“

Александра Спировска е тим-лидер на „Покерстарс“: „ИТ-индустријата е таква што ако не се надградуваш постојано, многу брзо ќе заостанеш“

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сметам дека факултетот ми овозможи да започнам со многу солидна основа, но се разбира дека имав потреба од надградување. Работата во ИТ-сферата е таква што ако не се надградуваш постојано, многу брзо почнуваш да заостануваш. Oдлуката за заминување од Македонија ја направив по неколку месеци од завршувањето на праксата во Австралија. Немав јасна визија дека сакам да заминам надвор од земјава, но добив понуда од мала стартап-фирма во Софија која многу ми се допадна, вели Александра

Неодамна порталите во Бугарија ставија акцент на неа како една од водечките жени во тамошната ИТ-индустрија. Станува збор за скопјанката Александра Спировска, која веќе четири години е дел од тимот на „Покерстарс“ (PokerStars), откако овој гигант отвори канцеларии во Софија во 2018 година. Почнала како сениор iOS девелопер на мобилната апликација „Покерстарс“ (Pokerstars), која е најупотребувана апликација за покер во светот и има милиони корисници. Како што тимот постепено се зголемувал, таа била унапредена во iOS тим лидер.

- Мојата работа вклучува поддршка на апликацијата, планирање, распределување и разработување на нови функционалности, осигурување квалитет на кодот и менторство на другите членови во тимот. Би кажала дека самиот работен процес е доста стандарден - работиме по агилна методологија. Она што многу ми се допаѓа е кохезијата и соработката што ја имаме во тимот - кој е разделен на три локации - Софија, Даблин и Клуж. Секојдневно соработуваме и мислиме во насоки кои ќе ни ја подобрат работата и сум многу благодарна што секогаш ја имаме слободата да одделиме време за реструктурирање на проектот и за интегрирање нови алатки и технологии, со цел полесна работа во иднина. Би го издвоила овој одлично изграден тимски дух како една од главните причини да одам на работа со огромно задоволство - опишува Александра.


Таа живее во Софија од 2013 година, а се преселила таму практично по дипломирањето на ФИНКИ. Како ученичка во гимназијата „Раде Joвчевски-Корчагин“, пресуден бил моментот кога првпат се сретнала со предметот програмски јазици, по што веднаш знаела дека сака тоа да го работи во иднина. 

- Знаев дека сакам да студирам информатика. Се запишав на Факултетот за електротехника и информациски технологии – УКИМ, отсек – Информатика и компјутерски технологии. Во последната година од студиите се префрлив на тукушто отворениот ФИНКИ на истиот отсек. Студентските денови засекогаш ќе ми останат како еден неверојатно прекрасен и забавен период од мојот живот, исполнети со дружење претежно со моите другари од гимназиските денови, но нема да ги заборавам и бессоните ноќи поминати во градската читалница пред колоквиумска сесија. Ретко имаше предмет што не ми беше интересен, но како омилени би ги издвоила: вештачка интелигенција и алгоритми и податочни структури. А просекот сам си доаѓаше - додава Александра.

Иако имала желба да продолжи на постдипломски студии во странство, понудата што ја добила за работна позиција во Софија ѝ го насочила вниманието кон тоа веднаш да заплива во професионалните води.

- Бидејќи знаев дека сакам да бидам програмер, самите детали за технологиите со кои ќе работам си се наредија постепено со текот на времето. Студирав четири години и имав голема желба да продолжам на постдипломски студии во странство, но во меѓувреме ми се укажа одлична шанса за работно искуство како програмер на мобилни апликации во Софија и иако планирав тоа да биде „придружна точка“ за да соберам малку повеќе работно искуство, 9 години подоцна сѐ уште не сум стигнала до постдипломски студии - се присетува Александра.

 
Првото работно искуство ѝ било во вид на шестмесечна пракса во мала ИТ-компаниja во Мелбурн, Австралија, која ја добила како член на студентската организација IAESTE. Таму работела како full stack .NET developer и била пресреќна што конечно имала можност да се сретне со реални предизвици од областа на програмирањето.

- Сметам дека факултетот ми овозможи да започнам со многу солидна основа, но се разбира дека имав потреба од надградување. Сметам дека работата во ИТ-сферата е таква што ако не се надградуваш постојано, многу брзо почнуваш да заостануваш. Oдлуката за заминување од Македонија ја направив по неколку месеци од завршувањето на праксата во Австралија. Немав јасна визија дека сакам да заминам надвор од земјава, но добив понуда од мала стартап-фирма во Софија која многу ми се допадна (бев препорачана од другарка од гимназија која факултетот за Информатички технологии го заврши во Бугарија) и ми звучеше како одлична можност да соберам повеќе работно искуство - вели Александра.   

 
Александра вели дека во моментот е многу исполнета и на професионален и на личен план, така што не размислува за промена. Таа е среќна што од нејзината работа бенефит имаат милионите корисници на апликацијата. Неизбежно беше да го чуеме нејзиното видување за бумот на вештачката интелигенција, од аспект на тоа дали очекува нејзиното брзо интегрирање во секојдневниот живот да го смени светот кон подобро или кон полошо. 

- Интегрирањето на вештачката интелигенција во секојдневниот живот е евидентно на секој чекор. Мислам дека светот несомнено ќе претрпи сериозни промени поради неа и дека ќе почувствуваме и позитивни и негативни ефекти. Но, што се однесува до човечката креативност, верувам дека тоа што нас, луѓето нè прави уникатни е нашата емотивна длабочина, која предизвикува неограничен креативен потенциjал во нас и дека е невозможно тој да биде загубен - завршува Александра.

Фото: приватна архива