Новиот швајцарски пасош - спој на графички дизајн и природни убавини
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Женевското студио РЕТИНА го редизајнира официјалниот швајцарски пасош комбинирајќи ја традицијата со модерниот дизајн за да ги истакне културните и природните карактеристики на земјата.
Кога во 2017 година РЕТИНА доби задача да го осмисли новиот изглед на швајцарскиот пасош, едно нешто беше јасно - мораше да остане препознатливата светлоцрвена боја, симбол на овој патен документ уште од 1959 година. Но, новиот дизајн не само што ја задржува оваа боја, туку внесува и низа иновативни елементи кои ја слават швајцарската традиција и природа.
Дури и без да ги листате страниците, пасошот веднаш ја пренесува суштината на швајцарската посветеност на едноставноста, прецизноста и елеганцијата во графичкиот дизајн. Корицата е украсена со тродимензионален релјеф кој ги прикажува величествените Алпи и живописните долини, создавајќи минималистички, но впечатлив приказ на швајцарскиот пејзаж. Дополнително, ексклузивно обликуваниот фонт од „Свиc тајфејсис“ ја надополнува корицата, нагласувајќи ја швајцарската традиција во типографијата.
Внатрешност инспирирана од „водната кула на Европа“
Со повеќе од 1.500 езера, многубројни глечери и бесконечни реки, Швајцарија обезбедува 6 отсто од вкупните резерви на пивка вода во Европа и произведува 56 отсто од својата електрична енергија од обновливи хидроизвори. Водата е клучен мотив во пасошот. Нејзиното присуство е нагласено преку хидролошка карта отпечатена на внатрешната корица.
Страниците во пасошот го прикажуваат природното богатство на земјата инспирирани од пејзажите – од ледено сини нијанси што асоцираат на глечерски води, до топли земјени тонови кои ги доловуваат брановидните ридови. Покрај тоа, картографските елементи во пасошот се дизајнирани да изгледаат како топографски мапи гледани од птичја перспектива.
Како што е случај со секој важен личен документ, пасошот мораше да биде заштитен од фалсификување. РЕТИНА успеа да ја интегрира сигурносната технологија со врвниот дизајн, создавајќи визуелни трансформации под ултравиолетова светлина. Кога пасошот е изложен на УВ-зрачење, на страниците се појавуваат скриени детали како културни знаменитости, реки и топографски слоеви. Дури и корицата реагира, откривајќи го препознатливиот симбол-плус од швајцарското знаме. Овие ефекти се постигнати со комбинација на интаглио-печатење, микротекст и УВ-реактивни мастила, што прави речиси невозможно да се реплицира пасошот.
- Швајцарскиот пасош е многу повеќе од обичен административен документ. Ова е славење на швајцарскиот дух и доказ за технолошката супериорност на земјата - велат од РЕТИНА.
Извор:
Retinaa.ch
Фото:
Retinaa.ch