Како од филм - седум украдени кучиња побегнале и поминале 17 км за да се вратат дома

Како од филм - седум украдени кучиња побегнале и поминале 17 км за да се вратат дома

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во заплет што потсетува на филм, седум кучиња во Кина извеле неверојатно бегство откако биле украдени. Групата, предводена од корги, успеала да избега и на крајот да се врати кај своите сопственици.

Кучињата успеале да ги надмудрат своите киднапери и да се вратат дома. Видеото од коргито што ја предводи глутницата, додека другите кучиња го следат, стана вирално на социјалните мрежи.

Лу ја снимил сцената на фреквентен автопат во кинескиот град Чангчун. Додека го снимал видеото, Лу се обидел да ги однесе кучињата на безбедно, но тие продолжиле по својот пат. Потоа го споделил видеото на кинеската платформа „Доујин“, повикувајќи ги локалните власти да помогнат.

Во видеото се гледа како кучињата се движат покрај патот. Коргито, кое најчесто е на чело на групата, постојано се врти наназад. Подоцна во кинеските медиуми било идентификувано како Дапанг, што значи „големиот дебелко“. Германски овчар оди зад нив со тешкотии, но групата застанува за да го почека.

Според локалната база за напуштени кучиња „Битер кофи“, кучињата најверојатно потекнуваат од исто село. Откако видеото стана вирално, организацијата користела дронови за да ги следи и да им помогне безбедно да се вратат дома.


Иако не е јасно како точно побегнале кучињата, еден волонтер тврди дека можеби избегале од камион откако биле украдени и транспортирани од лица што воделе продавница за кучешко месо. Лу ги забележал кога биле оддалечени околу 17 километри од своето село.

Добрата вест е дека кучињата на крајот се вратиле кај своите сопственици.


Три кучиња, вклучувајќи го и Дапанг, ѝ припаѓаат на жена која живее во село во близина на Чангчун. Таа изјавила дека ги барала своите кучиња четири дена и била на работ да се откаже, кога Дапанг се вратил дома. Потоа сопственичката ги побарала и во околните села и ги пронашла другите кучиња, кои ги згрижил друг селанец.

Не е сосема јасно зошто кучињата исчезнале, но дел од корисниците на интернет изразиле загриженост дека биле украдени поради кучешко месо, кое во некои делови на Кина сè уште се консумира како деликатес. Други, пак, претпоставуваат дека биле украдени за препродажба како домашни миленици.

Некои дури се пошегувале дека оваа кучешка авантура лесно би можела да биде преточена во филм.

Извор: Klix.ba
Фото: Screenshot/X