Сорвагсватн - езерото што „плови“ над океанот благодарение на уникатна оптичка илузија

Сорвагсватн - езерото што „плови“ над океанот благодарение на уникатна оптичка илузија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сорвагсватн, исто така познато како Леитисватн, е најголемото езеро на Фарските Острови. Кога се гледа од одреден агол, едната страна изгледа како да плови над Атлантскиот Океан.

Оптичката илузија е видлива само од ограничен број агли на јужниот дел на езерото.

Трикот функционира затоа што езерото се наоѓа на 32 метри надморска височина на врвот од карпа која благо е наклонета кон езерото. Поради тоа, изгледа како крајбрежјето на езерото да се протега сè до рабовите на карпата, создавајќи илузија дека водата е надвисната над морето.

Сорвагсватн се празни во Атлантскиот Океан преку водопадот наречен Бесдалафосур.


Локалните жители не се согласуваат за името на езерото, па затоа постојат две имиња. Жителите на селото Сорвогур, западно од езерото на островот Вагар, го претпочитаат името Сорвогсватн, што значи „езерото кај Сорвогур“.

Луѓето што живеат во Мидвагур и Сандавогур, на исток од езерото на островот Ваґар, го нарекуваат Леитисватн, односно „езерото покрај Леити“, во однос на територија во источниот дел на Фарските Острови.

Селото Мидвагур е поблиску до езерото отколку Сорвогур, но се смета дека последното било населено порано, во IX век, што ја отежнува ситуацијата. Друг аргумент во корист на името Сорвагсватн е дека првите доселеници на Фарските Острови го поделиле Вагар на три еднакви региони, па езерото се наоѓа во истиот регион како Сорвогур.

За да се избегнат овие дискусии, локалните жители најчесто го нарекуваат езерото Ватни, што едноставно значи „езерото“.

Езерото е опкружено со карпи, што создава впечаток дека е повисоко над брановите отколку што навистина е. Ова особено важи на двете страни од главниот истек на езерото, каде што се наоѓа 30-метарскиот водопад Бесдалафосур, што значи „водопадот кај Бесдал“.

 

Извор: Livescience.com
Фото: Wikipedia