Ни НАСА не знае од што се овие дупки на Арктикот

Ни НАСА не знае од што се овие дупки на Арктикот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

НАСА веќе десет години прави воздушни испитувања над Арктикот, но големата ледена дивина сѐ уште приредува изненадувања кои претходно не биле забележани. Пример за тоа се кружните формации забележани минатата недела додека истражувачки авион летал над Бофоровото Море.

Фотографијата е направена од страна на научникот Џон Сонтаг.

- Само на неколку минути денес ги видовме овие кружни белези. Не се сеќавам дека сум видел вакво нешто некаде на друго место - напишал научникот додека бил на терен.

Дупките, кои биле забележани додека научниците го бележеле нивото на морето по должината на источниот дел од Бофоровото Море, сѐ уште не се објаснети, но научниците шпекулираат дека тоа може да се неколку работи.

Прво, има неколку знаци што посочуваат дека гледаме во релативно млад мраз, кој е штотуку формиран над претходно отворено тело од вода.

- Мразот најверојатно е тенок, мек и кашест - вели геофизичарот за мраз Дон Перович.

arktik

Фото: John Sonntag/Operation IceBridge

Друг знак на кој посочуваат сликите е нешто што би можело да биде генерално движење на мразот лево-десно. Оваа појава се случува кога два слоја на мраз се судираат еден со друг, формирајќи испакнатини што личат на вплеткани прсти додека двете тела се принудени да се вплеткаат.

- Ова дефинитивно е област каде што има тенок мраз, може да се види вплеткувањето во близина на дупките и бојата е доволно сива за да посочи на мал нанос од снег - истакна научникот Натан Курц додека го објаснуваше пејзажот околу дупките.

Но, кога станува збор за самите дупки и кругови, и Курц не е многу сигурен.

- Не сум сигурен каков вид динамика може да доведе до полукружни белези кои се околу дупките. Никогаш не сум видел такво нешто - истакна тој.

Едната идеја е дека можеби имаат некаков вид животинско потекло. На пример, фоките нагризуваат дупки за дишење во мразот, кои им даваат чист простор да излезат од инаку нескршениот мраз.

- Кружните белези може да се поради брановите вода што излегуваат над снегот и мразот кога фоките излегуваат. Или може да се вид дренажни белези кои се појавуваат кога ќе се направи дупка на мразот - вели океанографот и климатолог Валт Мејер.

Ако феноменот не е предизвикан од фоки или други животни, може да е некој вид природен климатски феномен кој сѐ уште не сме имале шанса да го проучиме. Според глациологот Крис Шуман од НАСА, ова се јавува генерално кај прилично плитки води, па има шанси дека тоа е само поради топлата пролет или текот на копнените води што дотекуваат од планините.

- Другата можност е потоплите води од струењето на Бофоровото Море или на реката Мекензи да си го наоѓаат патот до површината поради интеракцијата со батиметријата, како што се формираат некои области на отворена вода опколена со мраз - додава тој.

Иако можеби немаме потврдено објаснување за феноменот, сепак, тоа е нешто што им го привлече вниманието на научниците и поскоро или подоцна ќе добиеме детали што всушност се случува.