Лошиот сон може да доведе до дијабетес тип 2, покажува истражување

Лошиот сон може да доведе до дијабетес тип 2, покажува истражување

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Недостигот од сон е сѐ почест проблем во модерното општество, а последиците од тоа се многубројни и сериозни. Освен уморот и намалената продуктивност, лошиот сон може да доведе до низа здравствени проблеми, вклучително и дијабетес тип 2. Во нова студија се открива дека постои директна поврзаност меѓу лошиот сон и развојот на дијабетес тип 2.

Истражувачите пет години следеле повеќе од 200.000 возрасни лица без дијабетес. Во тој период оние што спиеле помалку од 6 часа во текот на ноќта имале 25 отсто поголема шанса да заболат од дијабетес тип 2 во споредба со оние што спиеле 7 или 8 часа. Оваа врска останала значителна дури и откако истражувачите се приспособиле на другите фактори што може да влијаат врз ризикот од дијабетес, како што се возраста, тежината и исхраната.

Па како лошиот сон доведува до дијабетес тип 2? Точниот механизам сѐ уште не е целосно разјаснет, но постојат неколку можни објаснувања. Недостигот од сон може да ги наруши хормоните кои го регулираат шеќерот во крвта, како инсулинот и глукагонот. Исто така, може да влијае врз способноста на телото да користи инсулин, што доведува до раст на нивоата на шеќер во крвта. Освен тоа, лошиот сон може да доведе до зголемување на стресот, а тој е познат ризик-фактор за дијабетес тип 2.

Оваа студија е значаен чекор напред во разбирањето на врската меѓу сонот и дијабетесот тип 2. Резултатите покажуваат дека добриот сон е важен фактор во одржувањето на здравјето.

Што можете да направите за да си го подобрите сонот?

Постојат неколку работи што можете да ги направите за да си го подобрите сонот, како на пример:

-воспоставете редовен распоред на спиење и будење, дури и за викенд;
-создајте релаксирачка рутина пред спиење - ова може да е читање книга, капење во топла када или слушање музика;
-избегнувајте кофеин и алкохол пред спиење;
-редовно вежбајте, но избегнувајте напорни активности во доцните попладневни часови или навечер;
-осигурете се дека вашата спална соба е темна, тивка и ладна;
-користете удобен душек и перница;
-избегнувајте гледање телевизија в кревет.

Ако имате тешкотии со спиењето, консултирајте се со лекар. Тој може да ви помогне да ги идентификувате и решите проблемите што може да влијаат врз вашиот сон.

Извор: Svijet kulture
Фото: Pixabay