Мирјана Јосифоска, дизајнерка која од текстилен отпад прави шапки: „Инспирација ми се влијателни жени од историјата“

Мирјана Јосифоска, дизајнерка која од текстилен отпад прави шапки: „Инспирација ми се влијателни жени од историјата“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Според Државниот завод за статистика, во земјава се создаваат околу 9.000 тони текстилен отпад, а младата дизајнерка Мирјана Јосифоска од Тетово успеала својата бизнис-идеја да ја развие токму со помош на остатоците од производството на текстил, со што директно придонесува за заштита на животната средина.

Мирјана е единствениот производител и дизајнер на шапки во земјава што ги изработува од текстилни остатоци кои наместо да завршат на депонија или да бидат изгорени, се користат за нов производ.


Фото: Антонио Станков

- Учествувајќи на неколку работилници, научив различни техники на дизајнирање. Поинтересна ми беше изработката на шапки и кога направив истражување на пазарот, видов дека никој не го работи тоа. Врз мојата прва колекција големо влијание имаше „Модниот викенд Скопје“ затоа што со нив почнав како дизајнер и научив како може да се дизајнира одржливо. Тогаш го разбрав концептот дека може да се употребуваат производствени остатоци за да се создаде нов производ. Ги споив двата елемента, сфатив дека се потребни помали парчиња за производство на шапки и дека можам да дизајнирам и да произведувам шапки - ја објасни Мирјана својата идеја.

Младата тетовка заклучила дека од текстилните остатоци најдобро е да се изработуваат шапки, кои по големина се мали производи, а отпад има доволно за да се создаде и нов материјал.


Фото: Антонио Станков

- Секој година имаме голема количина остатоци од текстилното производство. Има компании кои немаат начин да го исчистат овој отпад, а од друга страна, целиот тој отпад завршува на депонии и се гори, што е голема штета за животната средина. Од остатоците може да се извадат помали производи, но може и да се рециклира отпадот и да се создаде нов материјал - додава Мирјана.

Кроењето на материјалите за шапка е меѓу помалите предизвици со кои се соочува ако се помали парчиња. Но тука доаѓаат до израз креативноста и способноста, особено ако станува збор за рачна изработка. И за парчињата текстил кои остануваат при правењето шапки Мирјана наоѓа начин да се искористат - создава стегачи за коса, а секое дело, било да е шапка било стегач за коса, е инспирирано од влијателни женски ликови и именувано по нив. Пример се Дениција од стихозбирката на Петре М. Андреевски и актерката Софија Лорен.


Фото: Меланија Нелковска

- Тие се именувани, инспирирани и дизајнирани по некој женски лик, во секоја колекција имаме главна тема. Последната мини-колекција беше колекција на осум стегачи и сите беа именувани по осум влијателни женски ликови од македонската историја - истакна дизајнерката, чија желба е нејзините шапки да ги носат некои од најпопуларните личности.
Мирјана црта од многу мала, а почнала да шие на 13-годишна возраст. Имала голема љубов кон шапките, а врз нејзината желба да стане дизајнер влијаела и колекцијата на баба ѝ и мајка ѝ.


Фото: Меланија Нелковска

- Генерално цртам од многу мала. Сакав да цртам балерини и женски тела во училишните тетратки. Кога можеш да го разбереш женското тело, може да ја разбереш конструкцијата на облеката. Почнав да шијам на 13-14 години, ги натерав моите да ми купат од оние мали машини за да си сошијам облека која не можев да ја најдам за да ја купам - раскажува Мирјана за нејзиното детско хоби, кое за кратко време прераснало во професија.

Јосифоска во октомври 2023 година победи на регионалниот балкански натпревар за зелени идеи, каде што доби поддршка од 10 илјади долари за унапредување.


Фото: Меланија Нелковска

Иако поголемиот фокус за државна финансиска поддршка, според неа, е ставен на ИТ-компаниите, генерално чувствува дека има поддршка најмногу преку програмите за вработување кои ги организира Агенцијата.

Нејзините дизајни до 31 март се достапни во галеријата во „Ист гејт“.


Фото: Меланија Нелковска