Кој ќе биде новиот ректор на УКИМ - Биљана Ангелова или Дарко Данев?

Кој ќе биде новиот ректор на УКИМ - Биљана Ангелова или Дарко Данев?

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Квалитетот на студирањето не се мери само преку квалитетот на студиските програми, туку и преку условите и искуството што ги нуди Универзитетот - инфраструктура, советодавна поддршка, културни и спортски содржини, како и чувството на припадност кон заедницата. Целта ни е Универзитетот да се зајакне како заедница на благосостојба и доверба – место каде што се студира, работи и живее во поттикнувачка, безбедна и поддржувачка средина, вели Биљана Ангелова

Доколку успееме да креираме барем по една студиска програма на англиски јазик (онаму каде што е тоа применливо), тоа може да биде вреден чекор за привлекување повеќе меѓународни студенти, вели Дарко Данев

Ректорот е раководен орган на Универзитетот, тој го претставува и го застапува Универзитетот во земјата и во странство. Во моментов во тек е изборот за нов ректор на кој се пријавени двајца кандидати. Професорот Дарко Данев од Машинскиот факултет во Скопје е кандидат за ректор на УКИМ. УКИМ е негов втор дом, во него ги поминал додипломските, постдипломските и докторските студии и ги искачил сите академски скалила, од асистент до редовен професор. Двапати бил избиран за декан на Машинскиот факултет. Следна кариерна дестинација за него е Ректоратот на УКИМ.

Додека вториот кандидат е досегашната ректорка Биљана Ангелова. Таа е професорка од Економскиот институт. Додипломски и постдипломски студии завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и докторирала во 1999 година на Економскиот факултет. Во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде што во континуитет е избрана во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана за советник/редовен професор во областа на деловните финансии, а во 2012 година е избрана за редовен професор во областа на финансиски менаџмент. Ангелова била и проектор за финансии, инвестиции и развој и одлично го познава целокупното работење на Универзитетот.

Кои се слабостите во актуелниот систем на високо образование што бараат итна реакција и како би пристапиле кон нивно надминување?


Дарко Данев: Хиперпродукцијата на универзитети како процес кој во Македонија се одвива последниве дваесетина години наместо пораст, генерално доведе до пад на квалитетот на високото образование. Тој процес беше проследен и со погрешна кампања за „задолжителност“ со стекнување универзитетска диплома на речиси секој матурант, најверојатно за да се оправда бројот на новоотворени високообразовни установи. На тој начин меѓу македонските универзитети започна трка за привлекување студенти, чиј број, пак, низ годините се намалуваше поради зголемениот интерес на младите да студираат во странство. Крајниот резултат беше создавање нелојална конкуренција меѓу универзитетите, за жал, предизвикана од погрешните политики на државата.
Доколку ме прашувате конкретно за УКИМ, тој исто така се соочи со проблемот на губење студенти бидејќи дел од нив од прагматични причини одлучија да студираат онаму каде што полесно и побрзо (па макар тоа било поскапо) се доаѓа до диплома. Така, голем број наши факултети беа поставени пред предизвик да ги намалат критериумите за проодност на студентите само за да го задржат нивниот број. Или, квантитетот се одрази врз квалитетот.



Биљана Ангелова: Прашањето за слабостите на високото образование во Македонија е суштинско бидејќи рефлектира проблеми кои се одразуваат врз квалитетот на човечкиот капитал, а со тоа и врз економијата. Реакцијата треба да се заснова на подлабока културна и системска реформа. Високото образование мора да се гледа како стратегиска инвестиција, а не како трошок. Без јасна визија и одговорност, ризикуваме да се продуцираат дипломи, но не и знаење, иновации и општествен напредок.
За таа цел, потребно е да се воспостави структура за контрола на квалитетот која ќе биде професионална, непристрасна и објективна. Овој механизам го обезбедува Агенцијата за квалитет во високото образование преку акредитација и евалуација на студиските програми. Сведоци сме на непотребно голем број универзитети чии студиски програми не се соодветни за реалниот сектор. Процесот на евалуација често пати затајува. Потребно е зајакнување на независноста и стручноста на телата за акредитација со вклучување меѓународни експерти, евалуација и затворање или реформирање на студиски програми со континуирано слаб интерес. Во делот на квалитет на наставата потребно е континуирано подобрување со поголема примена на учење на база на решавање проблеми, учење низ примери - case studies и проекти, воведување структурирана практична настава во компаниите како дел од студиските програми во текот на академската година, воведување континуирани обуки за наставници во делот на методика на настава, примена на најнови научни и апликативни резултати во наставата, поврзување на теоријата со праксата, како и воведување вештачка интелигенција во наставата. Во реалноста практичната настава е често симболична или формална и затоа е потребно да се креираат структурирани програми за практична настава во соработка со приватниот и јавниот сектор. УКИМ почна да го решава ова преку вклучување на работодавци во креирањето и редовното ажурирање на наставните програми и формирање менторски парови со професори од академската заедница и од страна на компаниите кои креираат програми за учење во праксата и, се разбира, воведување интердисциплинарни студиски програми. Како слабост, морам да истакнам дека истражувачката дејност е маргинализирана и слабо финансирана и често сведена на услов за напредување, а не на вистински академски придонес. Стопанството во земјава нема доволен интерес и капацитет да субвенционира одредени научни истражувања, а знаеме дека без истражување нема наука, а без наука нема квалитетно високо образование.

Кои клучни промени би ги иницирале за да се унапреди квалитетот на високото образование и да се доближи до современите европски стандарди?


Дарко Данев: За среќа, последниве години се чини дека свеста на македонските граѓани се менува и станува јасно дека формалната диплома стекната без реално знаење станува излишна и неупотреблива, па УКИМ има прекрасна можност да се врати на „старите патеки со нова методологија“. Така, критериумите за студирање ќе ги враќаме онакви какви што беа (задолжителна настава, приемни тестирања за упис или во најмала рака за стекнување стипендии за најдобрите студенти доделени од самиот Универзитет, ограничување на можностите за презапишување и преполагање предмет со цел да се исклучи т.н. децениско студирање од хоби и слично), но во современи услови, кои од студентот бараат активно учење, дебатирање, примена на знаењето во конкретни проекти, поттикнување на неговата љубопитност и истражувачки капацитети, а не на способноста да се снаоѓа во бирократските лавиринти или да импровизира учење во супстандардни услови. Знаењето кое и сега го стекнуваат нашите студенти не е далеку од европското, но за да се доближиме до современите европски стандарди, потребно е да пристапиме кон креирање поголем број студиски програми со двојни дипломи или заеднички дипломи, што само по себе ќе бара и малку поразлични критериуми за нивно акредитирање. Доколку успееме да креираме и барем по една студиска програма на англиски јазик (онаму каде што е тоа применливо), тоа може да биде вреден чекор за привлекување повеќе меѓународни студенти.



Биљана Ангелова: За унапредување на квалитетот на високото образование и негово усогласување со европските стандарди, неопходни се системски промени, како реално спроведување на Болоњскиот процес со фокус на исходи од учењето, зајакнат и независен систем за обезбедување квалитет, инвестирање во наставниот и истражувачкиот кадар и посилна поврзаност со пазарот на труд. Клучни се развојот на научноистражувачката дејност, дигитализацијата и интернационализацијата. Во тој контекст, УКИМ упорно работи на подигнување на нивото на академска извонредност. Формирани се неколку хабови, фаблабови, ЕДИХ (европски дигитален иновациски хаб). Имаме околу 45 лаборатории и многу голем број акредитирани методи. Иако во рамките на овој сегмент нашиот Универзитет има долга традиција на квалитетна настава и посветен пристап кон студентите, сепак, во свет што се менува со забрзано темпо, дури и најдобрите системи бараат континуирано менување, унапредување и приспособување. Во овој сегмент сметам дека треба да ги унапредиме и надградуваме постојните добри практики преку добро осмислени интервенции кои ќе имаат значаен ефект врз квалитетот на наставата. Интернационализацијата е наш висок стратешки приоритет кој треба да се зајакнува уште повеќе. УКИМ е дел од европската мрежа преку алијансата ACROSS EU, но покрај тоа развиваме и низа билатерални партнерства. Веќе имаме и голем број странски студенти како резултат на акредитирани студиски програми на англиски јазик, како и многу разгранети мрежи на меѓународни соработки. Во динамичниот европски контекст, меѓународната соработка повеќе не е избор, туку предуслов за конкурентност. Целта е Универзитетот да биде повидлив, препознатлив и баран партнер во националниот, европскиот и поширокиот простор на високото образование и истражување. Во делот на дигитализацијата состојбата е прилично подобрена. Направени се значајни чекори и создадени се многу претпоставки за понатамошна имплементација на современи дигитални решенија. Сервисите за студентите се целосно дигитализирани со можност за примена и на електронскиот индекс. Целта е целосна дигитализација и на административното работење, унапредување на сајбер-безбедноста на Универзитетот и користење алатки за вештачка интелигенција. Управувањето со квалитетот на УКИМ е воспоставено преку структура која обезбедува системот на квалитет да се мери според 9 стандарди и 56 индикатори, што е целосно усогласено со Европската агенција за квалитет во високото образование. Важно е дека културата на квалитет се воспоставува и започнува од Универзитетот, но се гради преку мотивирани луѓе, јасни процеси и признавање на успехот. Зајакнувањето на системот за следење на квалитетот на наставата и истражувањата ќе го подобруваме со воведување јасни показатели за резултатите и награди за извонредност.



На кои конкретни начини би им го олесниле секојдневието и би создале подобри услови за учење, развој и вклученост на студентите?


Дарко Данев: Веќе напоменав: стипендии за најдобрите; современа опрема во училниците и амфитеатрите за следење на наставата со интерактивно учество на студентите; овозможување барем мал дел од студиите да се поминат во практична работа; комплетна дигитализација на административните процеси во текот на студиите; поттикнување и зголемување на мобилноста на студентите со цел да поминат дел од своите студии на странски универзитети; осовременување на студиските програми со нови, атрактивни и интердисциплинарни програми и вклучување можност за стекнување одредени вештини покрај стекнување знаење што е задолжително. Исто така, за студиските програми што се од национален интерес, а сепак нема голем интерес од младите за студирање, потребно е да обезбедиме и посебни субвенции за студентите, во делот на нивното сместување, а секако и помош во делот на нивното вработување, нормално, со воведување строги критериуми во насока на почитување на роковите за студирање и висината на просекот.




Биљана Ангелова: Подобрувањето на студентското секојдневие бара подобри услови за живеење и учење, преку модерни студентски домови, субвенционирана храна и превоз. Неопходна е посилна финансиска поддршка со фер стипендии и помош за ранливи групи, како и подобра опременост на библиотеките и дигиталните ресурси. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги препознава своите студенти и вработени како свое најголемо богатство. Но, пандемијата и општествените промени ја нагласија потребата за посистемска грижа за менталното здравје, рамнотежата меѓу работата и животот, како и појасни кариерни перспективи. Квалитетот на студирањето не се мери само преку квалитетот на студиските програми, туку и преку условите и искуството што ги нуди Универзитетот - инфраструктура, советодавна поддршка, културни и спортски содржини, како и чувството на припадност кон заедницата. Целта ни е Универзитетот да се зајакне како заедница на благосостојба и доверба – место каде што се студира, работи и живее во поттикнувачка, безбедна и поддржувачка средина. Поаѓам од фактот дека знаењето расте во заедница која се грижи. Со низа мерки кои ги имплементира Центарот за кариера на УКИМ, но и со низа други активности кои ги преземаме како Универзитет кој се грижи за своите студенти преку стипендирање на над 200 студенти годишно од нашите фондации и интегративните фондови, до грижа за нивното ментално здравје, услови за студирање и престој, кариерно советување, практикантство и поврзување со пазарот на трудот, веруваме дека ќе постигнеме поголемо ниво на задоволство, поголем ангажман на студентите во животот на Универзитетот, како и поголема вработливост на дипломираните студенти. Од друга страна, тоа носи чувство на припадност кон универзитетската заедница, што го прави УКИМ препознаен како општествено одговорна и инклузивна институција.

Фото: приватна архива