Невообичаена врска: Објавувањето нови музички албуми го зголемува бројот на сообраќајни несреќи за 15 отсто
Истражување засновано на податоци за стриминг и сообраќајни несреќи открива како активното користење на паметните телефони при излегување на нови хитови значајно ја загрозува безбедноста на возачите
Најновото истражување, кое го спроведе Медицинскиот факултет при „Харвард“, укажа на неочекувана врска помеѓу датумите на излегување на најпопуларните музички албуми и пораст на бројот на смртни случаи во сообраќајот. Со анализа на податоците од 2017 до 2022 година, експертите утврдија дека на деновите на објавување на десетте најочекувани албуми во годината бројот на загинати на патиштата се зголемува за речиси 15 %.
Додека просечниот број на смртни случаи во десетдневниот период околу излегувањето на албумот изнесува 121, на самиот ден на премиерата тој број расте на 139, што претставува просечно 18,2 дополнителни смртни случаи по објава на албум.
Ризично активно слушање
Истражувачите ги користеа податоците од музичкиот сервис „Спотифај“, кои покажуваат дека слушањето музика преку стриминг-сервисот тие денови скока за приближно 40 %. Тој пораст на активноста на мобилните уреди директно се поврзува со зголемената дистракција кај возачите. Според зборовите на д-р Вишал Пател, еден од авторите на студијата, најголема опасност не е слушањето музика, туку физичката интеракција со уредот – отклучување на телефонот, пребарување нови плејлисти и избирање специфични песни, со што возачите го тргаат погледот од патот и ги тргаат рацете од управувачот.
Студијата покажува дека и новиот музички материјал игра улога во намалувањето на вниманието. За разлика од пасивното слушање познати песни, новите албуми бараат поголем ангажман од слушателите, кои се емоционално и когнитивно насочени кон музиката, па со самото тоа не внимаваат толку на сообраќајот. Податоците покажуваат дека стапките на несреќи биле значително повисоки во возилата во кои се наоѓал само возачот, што ја потврдува претпоставката дека присуството на сопатник, кој би можел да ја преземе контролата над уредот за пуштање музика, влијае врз безбедноста.
Утврдено е дека ризикот од несреќи на деновите на излегување на албумите бил поизразен кај трезните возачи, како и при ведро време. Во врска со тоа, авторите заклучуваат дека возачите потсвесно преземаат повеќе ризици и си дозволуваат поголема дистракција кога условите на патот се идеални, додека во лоши временски услови приоритет му даваат на самиот процес на возење.
Фото: