Колку се чисти парите и картичките?

Колку се чисти парите и картичките?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Секојдневно низ нашите раце поминува некое платежно средство, без разлика дали тоа е банкнота, монета или картичка. Но, дали некогаш сте размислувале за тоа колку бактерии минуваат низ вашите раце поради парите?

Знаеме дека повеќето од нас се загрижени за износот на сметката и во паричникот отколку што се за невидливите бактерии.

Порталот за едукација за финансии „ЛендЕДУ“ спровел истражување за тоа колку парите и картичките всушност се валкани.

Биле опфатени повеќе од 40 кредитни картички, 27 различни банкноти и 10 монети. Сите биле тестирани за бактерии.

Резултатите покажале дека парите навистина се валкани. Тоа не е ни чудно кога ќе помислите низ колку раце поминале.

Но, сигурно не би очекувале дека резултатите ќе покажат оти картичките се највалкани.

Нивото на нечистотија е оценето со броеви - колку е поголем бројот, толку е повалкан предметот. Така, просечната „валканост“ на картичката е 285 од предната страна и 317 од задната. Највалканата картичка била оценета со 1.206. Колку за споредба, подземната железница во Њујорк има степен на нечистотија од 68.

Банкнотите добиле оцена 160, што е за само три поени помалку од јавно веце на станица за јавен превоз во Њујорк.

Банкнота од 20 долари испечатена во 2009 година добила 633 поени, а монетите се покажале како најчисто платежно средство со просек од 136 поени.