Репортажа од Чернобил направена една година по катастрофата

Репортажа од Чернобил направена една година по катастрофата

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мај 1987: За чернобилската несреќа и продолжувањето на работата на нуклеарната централа, односно на двата нејзини реактора, напишани се многу новинарски текстови. Во нив експертите ги изнесоа своите ставови за тоа зошто дошло до катастрофата. Сепак, многу нешта останаа тајни и необјаснети. Во тие текстови немаше изјави од оние што биле покрај реакторите и кои и денес таму работат.

„Студио“ објавува ексклузивна репортажа од Чернобил по разговори на новинари со луѓе што биле сведоци на драмата.

Првата средба со Чернобил е навистина шокантна. Човек се чувствува како во некое подрачје од научна фантастика. Каде и да се свртите, гледате некои чудни знаци. Со големи букви е испишано: Опасно - радијација. Малку подалеку има друг натпис: Внимателно, земјата е контаминирана!

Во зградата во која е сместена државната комисија што раководи со работата за санирање на последиците од чернобилската катастрофа нѐ дочекува Александар Коваљенко. Тој е началник на одделот за информирање. Никој не би помислил дека тој 40-годишник „заработил“ дури 25 рендгени. Тој претходно бил заменик на директорот на чернобилската нуклеарна централа.

Чернобил е оддалечен околу 15 километри од централата. Како што е познато, сите жители на Чернобил се евакуирани. Сепак, во Чернобил се чувствува живот. На улиците има многу автомобили и разни машини, луѓето се движат на сите страни, тука се градежниците и работниците од другите струки, како и воените лица. Сите тие се привремени жители на Чернобил. Тука ќе живеат еден месец, најмногу два.

По патот до централата се движат тешки возила. Минуваме низ пусти села. Веќе цела година во тие куќи нема домаќини. Кога луѓето ќе се вратат во нив? Можеби кон крајот на следниот век на тие места ќе се организираат екскурзии за да им се покаже на туристите како изгледале украинските села во минатиот век.

Околу 15 километри до нуклеарната централа со автомобил ги минавме за половина час. Колку повеќе се приближувавме до одредиштето, наидувавме на сѐ повеќе далноводи. Од октомври минатата година тие повторно пренесуваат електрична енергија. Првите два енергоблока повторно работат, обезбедуваат струја за потребите на два милиона жители.

Експерт на покрив

Стасавме до централата. Сите згради се бело-сини, единствено на крајот има црн саркофаг.

- Денес нема апсолутно никакво негативно влијание врз околината благодарение на саркофагот. Значи, тој не дозволува од оштетениот реактор да излегува радиоактивна прашина - вели Владимир Шчербина, главен експерт за осигурување од радијација.

Два дена пред нашето доаѓање во Чернобил, Шчербина се качил на покривот на саркофагот и се „прошетал“ по него. Нормално, не се качил затоа што сакал, туку да провери каква е состојбата.

- Дозата на радијација што ја добив за време на „прошетката“ по покривот во проценти изнесува 20 отсто или една петтина од количината што може да ја добие работник вработен во нуклеарната централа во текот на една година - вели Шчербина.

- Од каде таа радијација ако саркофагот е целосно сигурен - го прашуваме Шчербина.

Вели дека сѐ уште не е спроведена докрај дератизацијата на покривот на централата. Сега се работи на „чистење“ на покривот на соседниот, третиот реактор.

Шчербина категорично тврди дека со саркофагот е сѐ во најдобар ред и дека загаденоста уште повеќе ќе се намали кога ќе се исчисти покривот на третиот реактор. Сега се работи на тие работи. Исто така, мора да се посети околната шума и да се исчисти земјата околу централата бидејќи е загадена. Но, пред да се исече шумата и да се тргне слој од земјата, мора да се ископаат големи „гробови“, каде што ќе се закопаат загадената почва и дрвата. Таму ќе се закопа и техниката што била користена при санирањето на несреќата.

Моментално во чернобилската нуклеарна централа работат околу 3.500 работници. Голем дел од нив и претходно работеле таму. Се работи по половина месец. Додека една група работи 15 дена, друга се одмора со фамилиите во Киев.

Додека работат, енергетичарите живеат во селото Зелен Мис (мис во превод значи гребен). Селото е оддалечено околу 30 километри од централата. И тука има строга контрола. Пред сѐ, никој од невработените не може да дојде без дозвола во таа зелена енклава. И оние што имаат пропусница за влез во селото на енергетичарите мора да ја поминат дозиметарската контрола.

Кога стасавме таму, нѐ дочекаа дозиметристите и нѐ прегледаа од глава до пети. Се запали зелената светилка - сѐ е во ред! Оние кај кои при прегледот се запали црвената светилка, мораа да се исчистат од радијацијата.

Ноќта го откри сјаењето

Инаку, селото го изградиле Финци. Тоа се двокатни куќи. Собите се навистина комфорни. Секоја има телевизор во боја, радио, убав мебел. Во селото има и поликлиника, центар за рехабилитација. Сѐ е бесплатно. Бевме во ресторан. Секој зема храна колку што сака, а таа е многу вкусна. Има многу овошје. Десертот е задолжителен. Се добива и чоколада.

Во селото на енергетичарите го сретнавме и разговаравме со Владимир Михајљук. Тој е бравар и работи во погонот на енерго-блокови. Има 34 години и веќе 9 години работи во чернобилската централа. Неговото раскажување кажува многу за тоа како реагирале жителите на тој крај кога дознале за несреќата.

- Беше петок, крај на работното време. Доцна вечерта најмалиот син ме замоли пред спиење да му раскажам бајка. Заедно се успавме. Среде ноќ ме разбуди сопругата. Ми рече: „Стани, нешто се случи во централата!“ Нашиот стан е на деветтиот кат и од прозорецот се гледа четвртиот блок. Добро видов чад и мал пламен. Не ни помислив дека е оштетен реакторот. Сопругата се разбудила од ударот кој бил сличен на потрес. Се слушнаа сирените од противпожарните возила и од итната помош. Утредента градот Припјат си живееше нормално, како да не се ни случила катастрофа. Некои отидоа во викендичките, други да ловат риба. Мојот постар син тргна на училиште - раскажува Владимир.

Сѐ било вообичаено, освен што на улиците имало повеќе полиција. Телефоните во нуклеарната централа не работеле.

- Тој ден, на 26 април, над централата летаа многу хеликоптери. Но, во градот немаше никаква паника. Дури вечерта сѐ беше целосно јасно. И видливо. Имено, преку ден, додека имаше сонце, не ни можеше да се види сјаењето од реакторот. Вечерта добро видов од прозорецот јака светлина од реакторот, како некое парче распарчен метал. Тоа зрачеше од оштетениот реактор. Изутрината, во околу 10 часот, локалното радио соопшти дека во 14 часот ќе биде пренесена важна информација. Сите останаа покрај радијата. Беше соопштено дека целиот град ќе се евакуира. Ги зедовме документите и тргнавме со автобусите. Дојдоа војската и полицијата и пред секој влез контролираа некој да не останал. Нас нѐ евакуираа во селото Зрка - раскажува Владимир.

Михајљук имал многу среќа во сето тоа. Имено, поради рана на ногата, тој добил воспаление и многу висока температура, но лекарите успеале да го спасат.

Подоцна сите фамилии добиле парична помош за да си купат што им било потребно за живот.

- Главата на фамилијата, значи сопругот, добиваше 4.000 рубли, жената 3.000, а секој друг член на фамилијата по 1.500 рубли. Тоа се многу пари. Но, требаше да се почне од почеток - раскажува Владимир.

Сега тој како мајстор заработува 570 рубли месечно. Тоа е голема плата, ако се знае дека во Советскиот Сојуз просечната плата е помала од 200 рубли. Но, и хирургот има плата од 200 рубли, професор во средно училиште 140 рубли. Значи, чернобилци сега заработуваат повеќе од двојно.

Точно е дека вработените во Чернобил се стимулирани подобро од другите, но точно е и дека работат во многу потешки услови. Пред да си заминеме ги прашавме нешто што сите нѐ интересираше: Може ли повторно да се случи несреќа?

Не - категорично ни одговорија соговорниците - горката лекција од таа голема несреќа е засекогаш научена.

„Студио“, 1987 година