На едната страна љубов, а на другата црно-бела празнотија, тоа е „Цимет“

На едната страна љубов, а на другата црно-бела празнотија, тоа е „Цимет“

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Очекувам „Цимет“ да допре до одредена група луѓе. Дел од нив ќе се пронајдат себеси во текстот и се надевам дека книгата ќе им помогне да се чувствуваат добро во својата кожа. Важно е, особено за помладите, да знаат дека е во ред да се чувствуваат онака како што се чувствуваат во одреден период од животот. Присилувањето да се чувствуваме онака како што некој надворешен фактор ни налага носи фрустрации, потиснување на чувствата и тага, вели Таири.

Кратката проза со наслов „Цимет“ е првообјавено дело на Ребека Таири, кое го објави ПНВ Публикации од Скопје во март годинава. „Пишувањето е интимен разговор со сопственото битие, соочување со демоните во себе, помирување со тоа дека се тука и дека се дел од бесмртноста на писателот“, вели Таири, која љубовта кон пишувањето ја развива уште во средношколските денови во гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Tаири, која е родена во Скопје во 1982 година, подоцна образованието го насочува кон правото, односно кон политичките науки. Последните пет години живее во Швајцарија.

Во ова интервју зборувавме со неа за делото „Цимет“.



„Цимет“ се чита во еден здив. Впечатокот е дека содржината, која е полна со искреност и топлина, е автобиографска. Од каде „Цимет“?

Мирисот и вкусот на циметот е нешто што ме следи од дете. Најубавите сеќавања ми се врзани со мирисот на циметот. Сутлијашот направен од мојата мајка, салеп, штрудла со јаболка, сето тоа со многу цимет. Тоа е мирисот на мојата есен, мирисот на мајка ми и на она безгрижно детство. Но, исто така, мирисот на цимет ме потсетува и на вареното вино во „Лезет“. Бескрајните разговори, отворени, искрени, искрени до сржта на нашите битија. Тоа се прекрасни сеќавања, кои во животот ми дадоа насока, незаменливи пријателства, поддршка, разбирање, љубов. Да, „Цимет“ е љубов.

Ова е Ваше првообјавено прозно дело. Како се чувствувате додека пишувавте? Какви Ви се очекувањата?

„Цимет“ е нешто доживеано, почувствувано и нешто од кое учам како и што, во одредени ситуации. „Цимет“ е искуство стекнато во различни временски интервали. Сите опишани случувања, пријатни и помалку пријатни, се вистински, се случиле во одреден период од мојот живот. Чувствата се доживеани веќе еднаш, а во процесот на пишување ја доловив за себе и за читателите онаа перспектива во која ги гледам храброста и истрајноста, како научена лекција наспроти сѐ. Очекувам „Цимет“ да допре до одредена група луѓе. Дел од нив ќе се пронајдат себеси во текстот и се надевам дека книгата ќе им помогне да се чувствуваат добро во својата кожа. Важно е, особено за помладите, да знаат дека е во ред да се чувствуваат онака како што се чувствуваат во одреден период од животот. Присилувањето да се чувствуваме онака како што некој надворешен фактор ни налага носи фрустрации, потиснување на чувствата и тага. Затоа сметам дека е во ред да се чувствуваме тажни, среќни или апатични ако е тоа чувството во моментот. И кога ни е најтешко, во ред е да бидеме тажни, но треба да сме свесни дека сѐ поминува. Колку и да ни се чини голема болката во одреден момент, останува да почекаме по дождот повторно да огрее сонцето.

Кои се главните мотиви, чувства, движечки точки во ова дело?


Можеби ќе звучи како клише, но би рекла дека двигателите се љубовта и смртта. „Цимет“ е кратко прозно дело, мало по обем, но сметам дека е полно со љубов и онаа емоција за која немам дефиниција, ниту име, а ја чувствуваш кога ќе се соочиш со смрт на блиска, најблиска личност. Онаа црно-бела празнотија. Интензивна болка, па по одреден период целосна апатија, незаинтересираност за ништо. И по долгиот период на тажење - помирување, враќање во некоја нормала, враќање во живот, во љубов. Не дека љубовта исчезнала за сето тоа време, туку дека тагата, копнежот, недостигот биле многу интензивни. Околу овие два мотива е обликувано делото.

Пишувате за бесмртноста. Кој е мотивот за тоа?

Колку што нашата форма е конечна, смртна и еднаш и засекогаш престанува да постои како таква, толку душата, односно ние постоиме засекогаш. Бесмртни сме и тоа го осознаваме на различни начини, со нашите дела и постапки. Во моментот кога ја видов „Цимет“ испечатена, свесна за тоа дека успеав дел од моите пораки да ги пренесам на тие страници, дека мојот живот, моите размислувања ќе остават трајна трага, почувствував дека оваа книга ме прави бесмртна за оние што ме сакаат, особено за мојата ќерка.

Книгата ја завршувате со расказот „Писмо од мене до мене“, во кој велите: „Чекај ме, ќе ти се обратам повторно“. Што е она што остана недопишано?

Недопишано е сето она што допрва ќе го научам и ќе го стекнам како искуство што ќе ме разочара или ќе ме израдува, а ќе го пренесам на хартија во иднина. И да, повторно ќе си се обратам на себе и ќе си го прераскажам и тоа ново патување.




Извадок од расказот „Јас сум бесмртна“

„На онаа страна, каде што никогаш нема да се вратиш, ти и твоите продорни очи, има чад. Изгоре зелената долина. Никогаш нема да ја дознаеш нејзината приказна и никогаш нема да дознаеш за трите куфери зборови и ранецот незавршени разговори, иако ти беше вториот соговорник, зборовите светли и испишани со црно мастило, упатени до тебе. Нема да можеш да ги видиш, ти ги удави во најплитката река.

Но нив ги има тука, во мене, ги носам секаде со себе.

И тогаш кога го уништи лавиринтот, кога имаше снежна виулица среде врел ден, и кога паднаа малоумните од небото, и кога денот стана мрачен, кога ноќта ти ја одзеде насмевката, кога паѓаше сладок црн дожд и... тогаш и твоето бледо безлично лице, ги направи моите букви бесмртни.

Бесмртни се. Не можеш да им го одземеш тоа.

Победници во играта Живот, тоа се моите букви.

Јас сум бесмртна.“