Спортски спектакл во Македонија: ЕМОФ Скопје 2025 со врвна организација, рекорден број спортови и светски и европски рекорди

Спортски спектакл во Македонија: ЕМОФ Скопје 2025 со врвна организација, рекорден број спортови и светски и европски рекорди

На вчерашната официјална прес-конференција во Скопје претставниците на Европските олимписки комитети (ЕОК) и организацискиот комитет на фестивалот информираа за досегашниот тек на фестивалот, организациските предизвици, постигнатите резултати, како и за важноста на ЕМОФ за спортскиот и културен развој на државата

ЕМОФ Скопје 2025 е едно од најуспешно организираните изданија во историјата на Европскиот младински олимписки фестивал – со рекорден број од 15 спортски дисциплини во кои учествуваат над 4.000 спортисти, врвна организација и еуфорична спортска атмосфера, за која придонесуваат и околу 700 волонтери. Фестивалот започна на спектакуларен начин, со соборување на еден светски рекорд во скок со стап и два европски рекорди (женската трка на 100 м и во стрелаштво), а до неговото затворање на 26 јули се очекуваат уште многу нови рекорди и спортски подвизи.

Дополнително, ЕМОФ Скопје 2025 бележи и рекордна медиумска покриеност и онлајн внимание. Над 500.000 гледачи за само три дена ги следеле натпреварите преку веб-страницата eoctv.org, остварени се повеќе од 11 милиони импресии на социјалните мрежи, а официјалната химна „Together we Shine“ достигна 100.000 прегледи на YouTube – најмногу досега од официјалните химни на сите ЕМОФ изданија досега.

Овие податоци беа потенцирани на денешната официјална прес-конференција, која се одржа во хотелот „DoubleTree by Hilton“ во Скопје, на која стана збор и за досегашниот тек на фестивалот, организациските предизвици, постигнатите резултати, како и за важноста на ЕМОФ за спортскиот и културен развој на државата. Медиумите можеа да се запознаат со севкупна рекапитулација на досегашните спортски натпреварувања што се одвиваат на борилиштата низ Скопје, Куманово и Осиек, во атмосфера исполнета со младешка енергија, спортски дух и европско единство. Покрај тоа, беше истакната и важноста на настанот за европската спортска заедница, но и за спортскиот, културниот и институционалниот развој на Македонија.



На присутните им се обратија Спирос Капралос, претседател на Европските олимписки комитети, Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет и на организацискиот одбор на ЕМОФ, Борко Ристовски, министер за спорт на Република Македонија, Лини Халдорсдотир, претседателка на Комисијата за ЕМОФ, како и светската рекордерка во скок со стап, атлетичарката Алика Инкери Мосер од Естонија и македонската одбојкарка Матеа Поповска.

Меѓу досегашните достигнувања се издвојува светскиот рекорд во младинска конкуренција во скок со стап што го постави естонската атлетичарка Алика Инкери Мосер, како и два европски рекорди, што говори за квалитетот на учесниците, но и за условите кои EYOF Skopje 2025 ги обезбедува за младите спортисти од цела Европа.

Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос, се осврна на медиумскиот интерес и влијанието на фестивалот и ја поздрави успешната реализација на ЕМОФ 2025.

- Импресиониран сум од енергијата, организацијата и страста што се чувствуваат овде. ЕМОФ Скопје 2025 веќе го освојува вниманието на цела Европа – сите натпревари се стримаат во живо и бројките се навистина импресивни. Само натпреварот во атлетика вчера достигна 100.000 прегледи. Тоа зборува за значењето на фестивалот и за тоа како спортот го обединува континентот. Скопје, Куманово и Осиек ја пренесуваат пораката на олимпизмот на најубав можен начин – преку младите, преку спортот и преку солидарноста. Македонија може да биде горда на сето ова што го постигнува - истакна Капралос.



Даниел Димевски, претседател на организацискиот одбор и Македонскиот олимписки комитет, го нагласи националниот и спортскиот придонес на настанот.

- Горди сме што Македонија е домаќин на еден од најзначајните младински спортски настани во Европа. Ова не е само организациски успех, туку и спортски. Веќе имаме нов национален рекорд во пливање, а верувам дека во наредните денови ќе ја видиме Македонија и на листата на медалисти. EYOF е повеќе од спорт – тоа е платформа за поврзување на нашите млади генерации со Европа и за претставување на нашата држава во најдобро светло.

Покрај тоа, Димевски се осврна на организациските предизвици и на тимската работа која стои зад успехот на фестивалот

- Ова е проект во кој вложивме години посветена работа и визија. Зад секој натпреварувач, секој волонтер, секој транспортер или новинар стои тим кој со срце работи. Да се организира мултинационален спортски настан од ваков калибар е исклучително комплексно, но сме горди што Европа гледа во нас како доверлив партнер. Ќе продолжиме да ги подобруваме сите процеси и да покажеме дека Македонија е подготвена за уште поголеми предизвици - посочи Димевски.

Министерот за спорт ја нагласи стратешката важност на фестивалот за државата и младинскиот спорт.

- Како држава имаме историска шанса да бидеме домаќини на над 4.000 спортисти и тренери – нешто што не се случува често, ниту лесно се организира. Ова не е само спортски настан, туку инвестиција во иднината на македонскиот спорт. Особено ме радува што македонските спортисти имаат можност да се натпреваруваат на домашен терен и да се мерат со најдобрите во Европа. Ова е огромна можност за сите нас – институции, спортисти и граѓани - рече Ристовски.

Лини Халдорсдотир, претседателка на Комисијата за ЕМОФ, зборуваше за предизвиците и значењето на фестивалот.

- Организацијата на ЕМОФ е комплексна задача, а изминатите две години вложивме огромен труд и посветеност. Овој фестивал во Скопје е најголемиот што сме го организирале досега, и тоа само по себе зборува за амбицијата и капацитетот на Македонија. EYOF е првиот чекор кон остварување на големите соништа за многу млади атлети.



Македонската одбојкарка Матеа Поповска го изрази своето задоволство како спортист учесник на фестивалот.

- Како спортист, можам да кажам дека условите се одлични – сè е организирано на највисоко ниво, а атмосферата е навистина инспиративна. Овие услови ни даваат можност целосно да се посветиме и да го дадеме најдоброто од себе. Благодарност и до Министерството за спорт и до министерот, кои помогнаа нашите репрезентации да не се почувствуваат запоставени со цел да го дадат максимумот. Нашата цел е јасна. Сакаме да ја направиме Македонија горда, но за тоа сте ни потребни и вие како медиуми и целата македонска јавност. Ги поканувам сите љубители на спортот да присуствуваат на сите натпревари каде што се натпреваруваме како делегација - истакна Поповска.

Алика Инкери Мосер од Естонија, која на првиот натпреварувачки ден го собори светскиот рекорд во скок со стап (4,52 метри), ја сподели својата возбуда.

- Голема чест и задоволство ми е што токму овде, на ЕМОФ Скопје 2025, го постигнав мојот најголем успех досега и поставив нов светски рекорд во мојата дисциплина. Овој фестивал ќе ми остане во сеќавање засекогаш – не само поради медалот, туку и поради прекрасната атмосфера и позитивната енергија.
На прес-конференцијата беше упатен повик до јавноста и медиумите да продолжат да го следат фестивалот, кој ќе трае до сабота и опфаќа натпревари во 15 спортски дисциплини, како и културна програма, фан-зони, активности со маскотата Shiny и присуство на стотици волонтери кои ја движат организацијата.

Најинтересните моменти од церемонијата на свеченото отворање и првите два натпреварувачки дена можете да ги проследите на следните линкови:

https://www.youtube.com/watch?v=VPw0J0OJgPs
https://youtu.be/Wx0DQPL39CE