Осум универзитетски професори работеа бесплатно за Олимпијадата по хемија. Дали е тоа во ред?

Осум универзитетски професори работеа бесплатно за Олимпијадата по хемија. Дали е тоа во ред?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Освоивме два бронзени медала, лани еден. Сублимираните резултати покажуваат дека можеме да бидеме конкуренти. Се одлепивме од дното и котираме во група со земји за кои сите велат дека имаат најдобро образование во светот, вели доцент д-р Миха Буклески од Институтот за хемија


Македонија оствари подобри резултати од Шведска, Швајцарија, Шпанија, Ирска и од Португалија, а слични со Данска, Финска, Белгија и Норвешка на 50. Меѓународна олимпијада по хемија која на крајот од јули се одржа во Братислава и во Прага. Нашите средношколци Антонио Андоновски од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ и Стефан Дамчевски од приватното училиште „Јахја Кемал“ од Струга освоија бронзени медали, во конкуренција од 300 натпреварувачи од 76 земји од светот.

Од завчерашниот состанок на Институтот за хемија

- Освоивме два бронзени медала, лани еден. Сублимираните резултати покажуваат дека можеме да бидеме конкуренти. Се одлепивме од дното и котираме во група со земји за кои сите велат дека имаат најдобро образование во светот. Но, искуството што го добија учениците, дружењето и забавата се многу поголеми од сè – вели доцент д-р Миха Буклески.

Тој и проф. д-р Слоботка Алексовска, двајцата од Институтот за хемија и членови на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, им беа ментори на четирите ученици што ја претставуваа нашата земја на Олимпијадата попозната како IChO (International Chemistry Olympiad). Покрај добитниците на медалите, во тимот членуваа и Стефан Стојковиќ од „Корчагин“ и Магдалена Златанова од „Јахја Кемал“ од Струмица.

Инциденти има и на научни олимпијади

Менторите, пред членовите на СТХМ, професорите од Институтот за хемија, наставници по хемија од средни училишта, ги претставија резултатите од постигнатиот успех.
- Експериментално, вежбите не беа тешки. Но, требаше да бидат многу внимателни и педантни за да успеат за 5 часа да ја завршат работата. Тука немаше место за грешки. Особено се гордееме што годинава постигнаа одлични резултати во органска синтеза и покажаа успех од 96 отсто добро сработен експеримент – објаснуваше Буклески.

Покрај натпреварувањето, има и многу дружење

Тој раскажуваше дека олку масовни собири не се само компетитивни. Има многу дружење, не само меѓу учениците, туку и меѓу менторите, кои разменуваат искуства за тековите во образованието и во науката. Како и на секоја друга олимпијада, и на оваа имало „инциденти“. Еден ученик бил дисквалификуван зашто користел калкулатор кога не било дозволено, друг бил фатен како се обидува да украде продукт од синтезата.

Котизацијата четирикратно зголемена

Македонија учествуваше на Олимпијадата без додавката ПЈР. На годинашните состаноци е донесена одлука која не е многу поволна за нашата земја. Котизацијата, која досега изнесуваше 700 американски долари, е зголемена на 3.000 долари. Нашите претставници гласале против предлогот, но преовладале гласовите со спротивно мислење.
- Секако дека имаат право на тоа. Организирањето на Олимпијадата годинава чинеше 1,6 милион евра, а од котизациите беа обезбедени само 200 илјади евра. Навистина се големи трошоците за организаторите – вели Буклески.

Нашиот тим предводен од менторите доцент д-р Миха Буклески и проф. д-р Слоботка Алексовска

Олимпијадата годинава се одржа на две локации поради јубилејот – првата Олимпијада по хемија се одржала пред 50 години во Прага, тогашна Чехословачка. Затоа годинава беше одлучено еден дел од Олимпијадата да биде во Чешка, а другиот во Словачка.

Идната година IchO ќе се одржи во Париз. Организаторите на нашето претставување ќе ги чини најмалку 6.000 евра (котизација, пат, подготовки на учениците и други трошоци). И годинава СТХМ, кој го организира нашето претставување на Олимпијадата, мака мачеше со пари. Претставниците веќе беа избрани, а буџетот не беше обезбеден. Откако Факултети.мк објави дека учеството на Олимпијадата е неизвесно, издавачката куќа „Арс Ламина“ го поддржа тимот и финансиски и со материјали, а Агенцијата за млади и спорт ги покани хемичарите на состанок и објави дека финансиски целосно ќе го покрие учеството на сите македонски тимови на научните олимпијади.

Финансирањето мора системски да се реши

Професорите од Институтот за хемија и членовите на СХТМ велат дека овој проблем се провлекува со години. Научниците секоја година се доведени до ситуација да молат за поддршка. Директорот за Агенцијата на млади и спорт, Дарко Каевски, најави дека е изготвен правилник според кој ќе бидат решени овие проблеми и најави дека секој ученик што ќе освои медал на некоја од меѓународните олимпијади ќе добие и еднократна парична помош од ова институција. Сепак, правилникот е документ кој го донесува и поништува секој директор (со дискреционо право).

Антонио Андоновски, еден од освојувачите на бронзен медал

- Овој проблем мора системски да се реши. Тоа постојано го повторуваме кај сите надлежни министри, нивни заменици. Конкретно за оваа олимпијада 8 универзитетски професори одржале вкупно 267 дополнителни часови. Бесплатно. Дали е тоа во ред? –прашува проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ.

Претходната министерка за образование и наука, Рената Дескоска, им најавила дека проблемот ќе го реши системски со измена на законите за основно и за средно образование. Законите сè уште се во фаза на подготовка.

Вака котираме во регионот, подобри сме од Шведска, слични со Србија и Финска

Буклески ја претстави и понатамошната стратегија која може да ги подобри нашите резултати на IchO. Тоа се зголемување на материјалите за натпреварување на сите нивоа, промена на правилникот за натпреварите по хемија, привлекување талентирани ученици, стимулирање на наставниците и на професорите.

Следен голем предизвик им е Интернационалната олимпијада „Менделеев“, која ќе се одржи догодина (Година на Периодниот систем). Годинава на неа учествувале 22 земји, претежно од источниот блок, но е одлична подготовка за IchO.