„Гугл“ разви алатка што ќе им помага на наставниците да ловат плагијати

„Гугл“ разви алатка што ќе им помага на наставниците да ловат плагијати

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со желба секој плагијат да биде откриен, „Гугл“ собра неколку свои производи во еден пакет, овозможи повисок степен на приспособување на потребите на наставниците и учениците и го нарече „Google for Education“. Поединците и установите можат да пристапат до овој пакет преку својот домен, а целта е со технологијата да се помогне формалната едукација.

Со користењето на гугл-документите, драјвот, џимејлот, календарот и останатите сервиси, предавачите можат да создадат виртуелни предавања, полесно да ги делат материјалите, да дискутираат и да прегледуваат домашни задачи и тестови. Алатките од сетот на „Гугл“ се интегрираат во електронскиот систем за едукација кој го користи одредено училиште... доколку го користи.

Компанијата објави дека вовела низа нови функции во овој сервис, а веројатно најинтересната е онаа што ќе им помага на наставниците да ги ловат плагијатите меѓу трудовите на учениците.

Минатата година беше воведен сетот на алатки наречен Course Kit, кој помагаше да се соберат задачи и на учениците да им се даваат подобри повратни информации. Овој сет сега е преименуван во Assignments и ќе може да се користи како независна алатка, без потреба да се интегрира во школскиот систем.

Новата функција што ги проверува плагијатите е наречена Originality Reports. Кога ученикот ќе ја испрати конечната верзија од трудот и ќе ја „заклучи“, компанијата тврди дека ќе го споредува со стотина милијарди интернет-страници и десетина милиони книги. Потоа останува наставникот да провери дали препознатиот текст е правилно цитиран во трудот, а доколку не е, да процени дали е навистина украден.

На установите ќе им биде овозможено да складираат и трудови на своите ученици, што ќе помогне да се откријат ископираните текстови кои помладите ученици или студенти ги зеле од постарите.

Функцијата ќе им дозволува и на учениците трипати да го проверат трудот пред да го предадат. Ова ќе им помогне да ги видат и да ги поправат грешките, а на наставниците ќе им го скрати времето што би го поминале во оценување на трудот. Ограничувањата што се поставени за студентите постојат за да им се помогне да го поправат она што не го зеле предвид, но не и да ја злоупотребат функцијата за да не бидат фатени.

Брајан Хендрикс, продукт-менаџер на целиот сервис, истакна дека предавачите денес рутински копираат пасуси од трудови и ги проверуваат на „Гугл“. Меѓутоа, тоа одзема многу време и е многу напорно, а новата функција треба да помогне.

- Предавачите губат многу време на објаснување дека некој не цитирал текст или неправилно го парафразирал. Со воведувањето на можноста за пребарување во нашите алатки овој процес ќе стане многу побрз и полесно ќе се откриваат плагијатите. Учениците денес се наоѓаат пред голем предизвик: во време кога на интернет можат да ја истражат секоја идеја што ќе ја замислат, треба да смислат како да направат баланс меѓу надворешната инспирација и својот автентичен труд. Тие мора да научат да останат на тенка линија меѓу туѓите и своите идеи и правилно да ги цитираат своите извори - истакна тој.

Новата функција е пуштена во бета-тестирање, а повиците за користење ќе се испраќаат до училиштата и наставниците. Функцијата е бесплатна за користење, како и целиот сет за образование на „Гугл“, па, наводно, може да го користи секој наставник, без оглед на тоа дали неговото училиште вовело електронска помош во наставата.

Фото: Screenshot/Google