Тест на крв што може да ја предвиди смртта

Тест на крв што може да ја предвиди смртта

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Едноставен тест на крв еден ден би можел да предвиди колку ќе живее некоја личност.

Во студија објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“, европски истражувачи пишуваат за нивниот лов на биомаркери во човечката крв кои би им овозможиле предвидување на тоа колку долго ќе живее некоја личност.

За да го изведат, тие анализирале податоци од примероци крв од 44.168 лица на возраст од 18 до 109 години. Од таа група, 5.512 лица починале во периодот по завршувањето на студијата, што во некои случаи бил период од 17 години.

По разгледување на 226 биомаркери во примероците, истражувачите утврдиле дека 14 од мерењата, меѓу кои и воспаление и баланс на течноста, биле сè што им е потребно за предвидување на веројатноста дека личноста ќе почине во текот на следните 5 до 10 години.

Потоа требало да се тестира таа теорија, па за да го направат тоа, истражувачите ги разгледале податоците за примероците крв земени од 7.603 Финци во 1997 година. Користејќи ги 14. идентификувани биомаркери, тие се обиделе да ја предвидат веројатноста дека некоја личност би починала за 5 до 10 години.

Утврдиле дека нивните предвидувања биле точни во приближно 83 отсто од случаите - точност што не ја очекувале.

Научниците сè уште имаат многу работа пред нивното откритие да може практично да се користи, но тие со нетрпение ги очекуваат начините на кои тестирањето на крв кое предвидува смртност би можело да го подобри здравството.