Отворањето на театрите и киносалите наесен е научна фантастика

Отворањето на театрите и киносалите наесен е научна фантастика

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Освен мерките за киноприкажување, дополнителен проблем кај репертоарското работење („Милениум“) е понудата на нови премиерни наслови. Речиси сите светски премиери во овој период беа откажани, и чекајќи на бранот на нивно појавување, можеме да се потпираме исклучиво на фестивалски прикажувања или репризи на постари наслови, вели Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар


Изведувачките уметности и филмот летово им се вратија на публиката. Со помалобројна публика желна за културни настани, со почитување на мерките, се отворија неколку летни сцени за работа на кино на отворено, а се реализираа и некои летни манифестации. Но, како ќе изгледа новата сезона? Театрите беа едни од првите културни институции што престанаа да работат по појавата на Ковид-19. И се чини дека ќе бидат и меѓу последните што ќе бидат отворени за публика, како што велат театарските менаџери.

Какви се шансите за култура на затворено во есенскиот период? Побаравме мислење од д-р Александар Стојановски, кој е член на Комисијата за заразни болести.

- Летниот период имавме протокол за работа на театрите на отворено и на киносалите, што беше со капацитет од 50 отсто публика во гледалиштето. Во затворен простор ќе треба да биде сигурно 30 отсто. Во затворените простории проблем е климатизацијата, без разлика колку се големи салите, некој од прв ред може да зарази некого од последен. Ризикот е поголем. Сè уште е рано за помасовни настани на затворено - вели д-р Стојановски.

 

 

Како изгледа театар во Берлин (фото Moritz Haase)

Откако беа донесени протоколите за организирање културни настани, Младинскиот културен центар - МКЦ речиси цело лето има активности, промоции, проекции на отворено.

- Се обидуваме да организираме што е можно повеќе програми на алтернативни локации на отворено, а секако тука спаѓаат и филмски проекции како „кино на отворено“. Уште при разговорите за креирање на протоколите беше договорено дека континуирано ќе се следи развојот на целата ситуација и дека при крај на летото повторно ќе се увидат можностите и протоколите за работење во затворени простори. Во МКЦ секојдневно ги следиме примерите од останатите земји и како сродните културни институции одговараат на локалните мерки и сметаме дека и ние сме подготвени соодветно да одговориме на тие предизвици - вели Русе Арсов, директор на МКЦ.

Русе Арсов, директор на МКЦ

За разлика од театарската и музичката програма, каде што дополнително е важна и заштитата на самите артисти, за киноприкажувањето во сала („Милениум“ и „Фросина“) веќе сме максимално организирани и подготвени да го рестартираме, со разработени сите фази: од набавка на билети до напуштање на проекција, притоа со максимално запазени основни мерки: носење маска - дистанца – дезинфекција, објаснува Арсов.

- Но, во овој момент е многу важно да се напомене дека покрај мерките за киноприкажување, дополнителен проблем кај репертоарското работење (во нашиот случај кино „Милениум“) е понудата на нови премиерни наслови. Речиси сите светски премиери во овој период беа откажани, и чекајќи на бранот на нивно појавување, можеме да се потпираме исклучиво на фестивалски прикажувања или репризно прикажување на постари наслови. Но, во овие времиња, на максимално намалена културна понуда и активност, сметаме дека и тие наслови и форми на културно и социјално дејствување се повеќе од потребни - објаснува тој.

Симона Угриновска, директорка на Македонскиот народен театар, не гледа голем проблем во тоа да се реши публиката, да има растојание и да се применуваат сите потребни мерки за заштита. Но, главен проблем во театарската уметност е како да се избегне контактот помеѓу актерите на сцената.

Симона Угриновска, директорка на МНТ

- Публиката некако ќе ја решиме, ама што правиме со актерите на сцената? Од овие причини ние решивме и да не одиме на „Охридско лето“, иако беше на отворена сцена. На театарската сцена актерите имаат интеракција и многу е тешко да се избегне тоа. Разговараме со колегите, засега решение ни се монодрами и камерни претстави. Следам како се одвива работата и на театрите во регионот. Еве, колеги во Бугарија ги отворија театрите, па брзо ги затворија. Протоколите за нашата дејност уште се изготвуваат, ние споделивме мислење како е добро да се направи, укажавме на главните проблеми.