Зошто сите озборуваме, а го мразиме озборувањето?

Зошто сите озборуваме, а го мразиме озборувањето?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Нема личност што барем еднаш во животот не озборувала. Но, сите би рекле дека не го одобруваат озборувањето. Сепак, психолозите велат дека озборувањето не е страшно и дека е вкоренето во еволуцијата.

Тие претпоставуваат дека 65 до 90 отсто од секојдневните разговори се вртат околу луѓето што не се присутни.

- Луѓето озборуваат со уживање што може да се спореди со храната или сексот - пишуваат истражувачите во едно истражување.

Само мал број луѓе признаваат дека сакаат да озборуваат. Според една анкета што ја објавува германскиот завод за статистика, половина од луѓето велат дека озборуваат поретко од еднаш месечно или никогаш. Само 11 отсто од луѓето признаваат дека го прават тоа секојдневно.

Озборувањето е еднакво посветено на соседите, колегите, роднините и пријателите, нешто помалку на шефовите, а најретко на партнерот. Моралниот код на повеќето општества го осудува зборувањето на луѓето зад грб.

ozboruvanje
Фото: Shutterstock


- Озборувањето се гледа исклучиво како саможивно однесување со цел да се манипулира со луѓето, врз нив да се влијае со зли намери - пишува во холандско истражување „Зошто луѓето озборуваат“.

- Преку озборувањето учиме кој е потенцијално добар партнер за соработка и од кого треба да се држиме подалеку - вели психологот Јан Енгелман, кој ја истражува оваа тема на Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија.

Кој ќе биде примен во групата, а кој останува надвор? Во текот на еволуцијата тоа било прашање за живот или смрт. Пресудно за преживување било навреме да бидете предупредени кои се предавници, измамници, егоисти...

Озборувањето ни помага да одлучиме кого ќе примиме во својот круг. Дури и малите деца на овој начин се штитат од егоистичните врсници што не сакаат да делат ништо или со кои е забавно да се игра.

А што ако зборуваат за вас?

Озборувањето не помага само да се издвои пченката од плевелот и така да се изберат соодветните членови на групата. Озборувањето на другите исто така претставува сврзно ткиво на групата. Со озборувањето се зајакнува социјалната врска меѓу озборувачите кои се потпираат едни на други.

Но, се озборува и во рамките на потесните групи. Зарем тоа не е особено лошо? И не баш. Бидејќи оној што ќе ги скрши нормите на групата за да добие лични придобивки мора да има предвид дека другите ќе зборуваат за тоа.

Стравот дека можеби ќе станете предмет на следната „трач-партија“ ги мотивира членовите на групата да постапуваат праведно кон другите. На крајот на краиштата, ако правилата екстремно се прекршат, личноста може да биде и избркана од заедницата.

Тогаш, дали озборувачите го имаат на ум доброто на групата? Не е толку едноставно. Научниците пронашле причини што ги тераат луѓето да озборуваат. Покрај размената на корисни информации, озборувањето навистина може да се користи како манипулација.

Кога со некој зборувате за личност што не е присутна, вие влијаете врз мислењето на соговорникот. Така се шират предрасуди и шпекулации кои брзо може да добијат големина на мобинг.

Но, повеќето луѓе немаат лоша намера кога озборуваат. Најчестиот мотив е едноставна радост поради шпекулации за некого. Забавно е да се разменуваат нови трачови, тоа го одвлекува вниманието од секојдневието и им овозможува на луѓето да го исполнат времето, пишуваат холандските истражувачи.

Но, иако речиси сите озборуваат, барем понекогаш сите ќе кажат дека тоа не е убаво.

- Можеби не сакаме кога другите озборуваат бидејќи може да нè озборуваат нас. Нашата репутација повеќе не е во наши раце, повеќе немаме целосна контрола - вели истражувачот Јан Енгелман.