Каде ја гледаат перспективата најдобрите на државната матура

Каде ја гледаат перспективата најдобрите на државната матура

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Според нивните резултати од средното училиште и на испитите од државната матура, нема сомнеж дека ќе бидат успешни студенти. Ги прашавме Ангела, Андреј, Билјана и Симона каде решија да го продолжат своето образование, кои факултети се нивната определба, но и каде ја гледаат својата професионална перспектива?


Вистинската желба за знаење е мотивацијата да дојдете до поголеми успеси. Оваа максима ги водела и нашите најдобри матуранти, кои имаа најдобар успех на годинашната државна матура.

Според податоците што ги добивме од Државниот испитен центар, на листата со најдобрите се Ангела Кранго од скопската гимназија „Орце Николов“, која имала најдобри резултати по предметот македонски јазик, Андреј Вељаноски од средното училиште „Мирко Милески“ во Кичево и двете соученички Билјана Витанова и Симона Митрева, кои завршиле во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица и имале највисоки резултати по предметот математика на државната матура.

Овој септември се подготвуваат за студентските денови

Според нивните резултати од средното училиште и на испитите од државната матура, нема сомнеж дека ќе бидат успешни студенти.

Ги прашавме Ангела, Андреј, Билјана и Симона каде решија да го продолжат своето образование, кои факултети се нивната определба, но и каде ја гледаат својата професионална перспектива?

Сепак, за потенцирање е дека информатичките науки се опција која најдобрите матуранти во земјата ја избрале за нивна идна професија. Дел од нив ќе се образоваат во земјава, но има и такви што студирањето ќе го продолжат во странство.

Ангела има идеја да го спои пишаниот збор со информатиката

Ангела Кранго е овогодишната матурантка што постигнала најдобар резултат по предметот македонски јазик на државната матура. Средното образование го завршила во скопската гимназија „Орце Николов“ како одличен ученик, а високото образование одлучила да го продолжи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Љубовта кон македонскиот јазик кај неа потекнува уште од најраните години. Како припадничка на влашката заедница во земјава, се трудела да ги зголеми вештините и да биде еднакво добра како и нејзините соученици чиј мајчин јазик е токму македонскиот.

- Секој летен распуст во слободно време го поминував во читање книги на македонски и на англиски јазик. Интересот за литературата се зголеми откако учествував со една моја творба на детскиот литературен фестивал „Ракатки“ и бев првонаградена. Тоа со сигурност ми ја зголеми љубовта кон пишаниот збор. Интересот за литературата ми го олесни и пишувањето на есејот што беше една од задачите на државната матура - вели Ангела.



Ангела Кранго

Според неа, љубовта кон литературата и јазикот ќе продолжи и понатаму, но интересот за информатиката сè повеќе се зголемува.

- И информатиката е еден вид јазик, можеби потехнички, но отвора интересни подрачја кои ме привлекуваат. Алатките што ги имаме на располагање благодарение на новата технологија можат да се искористат за да се прошири практицирањето и на условно кажано „помалите“ јазици, односно тие што се помалку распространети, со помалобројни говорители на глобално ниво. Тие можности ќе ги применам и за македонскиот и за мојот мајчин влашки јазик - објаснува таа.

Изборот за студирање паднал токму на ФИНКИ зашто е воодушевена од брзината со која се развива технологијата, нејзината примена во многу сфери на општественото живеење, можностите и предизвиците што ги отвора пред младите. Се надева дека нејзината идна професија и кариера ќе ја гради токму во оваа насока, а сето тоа ќе ѝ помогне да си ги зголеми компетенциите за да биде конкурентна на пазарот на трудот. Сепак, очекува своето знаење да го вложи во развојот на, како што вели, оваа наша заедничка држава.

- Доколку имам можност, би сакала да ги проширам и продлабочам знаењата и да стекнам искуства во некоја од технолошки поразвиените европски земји, да се запознаам со нови култури и друг начин на живеење -додава идната информатичарка.

Електротехниката и компјутерските технологии се најважни за Андреј

Андреј Вељаноски е првиот на списокот со највисоки поени по математика на државната матура. Завршил во средното училиште „Мирко Милески“ во Кичево, природно-математичка насока. Решил да продолжи со образование на Факултетот за електротехника и информатички технологии-ФЕИТ при УКИМ, на насоката Компјутерски технологии и инженерство.

- Кога почнав да размислувам за факултет и ги зедов предвид моите интереси и афинитети, изборот се сведе на ФЕИТ и Медицинскиот факултет. Долго време размислував и на крај, сепак, се одлучив за ФЕИТ. Електротехниката и компјутерските технологии се исклучително важни области во развојот на современото општество и отсекогаш ме интересирале. Иднината ја гледам на овој факултет и сметам дека можноста да придонесам за тој развој е предизвик и привилегија во исто време. Сметам дека тоа е еден од најквалитетните и најорганизираните факултети и верувам дека таму ќе успеам да се надградам професионално, но и лично - вели Андреј.


Андреј Вељаноски

Желбата за информатика доаѓа оттаму што уште како мал многу сакал да решава загатки и логички проблеми и смета дека тоа му ја поттикнало љубовта кон математиката.

- Постојат задачи што се полесни, но и потешки, за кои треба повеќе труд, а математиката е наука во која трудот со сигурност се исплатува и не треба да се откажуваме. Времето што ќе го вложиш во неа веднаш дава резултати и гледаш колку си напреднал. Некогаш ќе заглавиш, а некогаш ќе се изненадиш себеси. Токму тоа ја прави математиката интересна за мене - вели тој.

Сепак, иднината ја гледа во земјава, но не ја исклучува и работата во странство.

- Професијата кон која се стремам е да бидам успешен компјутерски инженер. Сакам да се соочувам со предизвици и постојано да учам нови работи, а тоа е составен дел од програмирањето. Една од најдобрите работи за оваа професија е флексибилноста. Може да работиш овде, може да работиш за компанија на другиот крај на светот од удобноста на својот дом или, пак, да основаш своја фирма. Затоа, иднината ја гледам насекаде, и во Македонија и во странство, ќе работам на своите вештини за да имам повеќе опции - заклучи тој.

Билјана ќе студира во Словенија

Билјана Витанова завршила средно училиште во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица. Се запишала на Факултетот за компјутерски науки и информатика во Љубљана, Словенија.

- Уште кога се одлучив што сакам да студирам и што е тоа што сакам да го изучувам, ја разгледував можноста за упис на тој факултет. За мојата насока, конкуренцијата беше прилично голема, односно за упис на странски студенти имаше 15 места. Студиската програма што ја нуди факултетот сметам дека ќе ми даде голем број знаења и вештини и ќе ми помогне во развојот на моето идно занимање - вели Билјана.


Билјана Витанова

Засега не размислува за нејзината подалечна иднина зашто приоритет ѝ е студирањето да ги исполни нејзините очекувања и желби и да биде успешно.

- Моето студирање и дооформување на високото образование секако ќе биде надвор од земјата, а понатаму времето ќе покаже како ќе се надградувам професионално - вели таа.

Високиот резултат постигнат на државна матура на математика се должи, пред сè, на нејзиното континуирано учење математика.

- Баба ми како искусен математичар уште од малечка ме учеше на дисциплина во решавањето задачи. Секако, тука се трудот и посветеноста на моите наставници по математика, почнувајќи од мојата учителка, па сè до моите професори во гимназијата. Но, за изборот на факултет не беше пресудна само љубовта кон математиката, туку повеќе би кажала тоа беше љубовта кон програмирањето, кое се појави подоцна во средно училиште и за чиј развој и желба е заслужна мојата професорка. Како што знаеше да каже таа, да се биде успешен програмер, неопходно е да се биде добар математичар и логичар - посочува Билјана.

Својата идна професија ја гледа поврзана со компјутерите и програмирањето.

- Интерес ми е изучувањето алгоритми, нивна конструкција и оптимизација, дискусии и како една задача може да се реши на различни начини и слично. Но, во полето на интерес се и математиката и физиката. Па ќе видиме каков спој може да произлезе од тие три области - заклучува таа.

Симона сака да биде аналитичар на менаџмент


Струмичанката Симона Митрева, исто како и нејзината соученичка, своето образование го завршила во средното училиште „Јане Сандански“ во Струмица. Секоја година била одличен ученик. Таа е меѓу првите пет матуранти што добиле највисоки оценки по математика на државната матура.

- Уште од основно училиште мојот класен раководител ми предаваше математика, исто така и класниот во средно, па можам да кажам дека преку нив ја стекнав љубовта кон математиката - вели Симона.


Симона Митрева

За студии го избрала Економскиот факултет во Скопје бидејќи, според неа, тоа е една од професиите во кои се замислувала уште од мали нозе.

- Во иднина се гледам како успешно дипломиран економист, а потоа имам желба да работам како аналитичар на менаџмент во некоја компанија - додава таа.

Професионалната кариера ја гледа во земјава, но не ја исклучува можноста и да се случат одредени промени.

- Мислам дека можам одлично да ја градам својата професионална кариера и во нашата земја - одговара Симона.