Затворениците во Финска учат за вештачка интелигенција

Затворениците во Финска учат за вештачка интелигенција

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Финската затворска управа вовела иновативна програма наречена „Паметен затвор“, која на затворениците им нуди можност да учествуваат во дигитални проекти поврзани со вештачката интелигенција (ВИ). Програмата има материјали за обука кои вклучуваат основни курсеви за историја и терминологија, како и работа на системи за вештачка интелигенција.

На учесниците им се даваат специјални лаптопи и решаваат едноставни прашања како што се: „Дали овој текст зборува за издавање одобрение за градба?“ Еден од затворениците вклучени во работата на ознаките со вештачка интелигенција, познат по прекарот Робин, изјавил дека ја избрал оваа работа за да се вклучи во значајни активности.

- Вештачката интелигенција беше нова тема за мене и ми го разбуди интересот. Исто така, сакав да заработам пари - напишал Робин.

Нордискиот пристап кон затворскиот систем

Работата на проектот за вештачка интелигенција го одразува поширокиот пристап на нордискиот затворски систем заснован на „принципот на нормалност“. Овој пристап има цел да ги задржи условите во затвор колку што е можно слични на животот во слобода, што не ги лишува затворениците од нивното чувство на автономија.

- Важно е условите во затворите да бидат што е можно понормални во споредба со оние во општеството надвор од затворите. Затворениците, иако во ограничена форма, можат да користат дигитални услуги додека ја отслужуваат казната, со строги политики за безбедност и заштита на податоците - истакнала Пија Пуолака, проект-менаџер на „Паметен затвор“ во Финската служба за затвори и условна казна.

Финското законодавство им дозволува на затворениците да користат видеоповици и е-пошта додека се во затвор, овозможувајќи им да одржуваат контакт со своите семејства.

Стеснување на дигиталниот јаз

Проектот „Паметен затвор“, започнат во 2018 година, има цел затворениците да се стекнат со дигитални вештини, со што ќе се намали дигиталниот јаз со кој се соочуваат многумина по ослободувањето. Во три фински затвори добиваат личен уред за комуникација, а посебен софтвер им овозможува дигитално да управуваат со распоредот и да контактираат со затворскиот персонал. Иако некои затвори нудат заеднички работни станици, овој проект овозможува дигитално управувани задачи, за кои истражувачот Туки Лехтиниеми од Универзитетот во Хелсинки вели дека има иднина.

- Во надворешниот свет има многу компјутери и дигитални уреди, а овој тренд треба да биде присутен и во затворите. Работата со податоци ги воведува затворениците во дигиталната средина.

Етички прашања и правичен надоместок

Учеството на затворениците во работата со вештачка интелигенција, исто така, покренува некои етички прашања. Работата со прибелешки на податоци е клучна за развојот на системи за вештачка интелигенција, но често е монотона и слабо платена. Робин изјавил дека неговата работа е „досадна“, но му овозможила да ја разбере вештачката интелигенција и да воведе ритам во неговиот секојдневен живот.

За оваа работа затворениците се платени. Почетниот надомест бил 3 евра дневно, а подоцна бил зголемен на 4,62 евра, што е во согласност со надоместокот за други работни места во затворот.

Фокусирање на рехабилитација, а не на масовно производство

Иако програмата се фокусира на развој на нови вештини, финските власти нагласуваат дека нејзината цел не е да создаде масовна работна сила за потребите на индустријата за вештачка интелигенција, туку да ги рехабилитира затворениците. Лехтиниеми истакнал дека Финска, со ниска стапка на затвори во однос на европскиот просек, не може значително да ја прошири оваа програма.

За оние затвореници што се отворени за нови можности, работата со вештачка интелигенција претставува единствена шанса за учење и ангажирање во модерни технологии. Сату Ракила, виш специјалист во Финската затворска и условна служба, нагласува дека повеќето од оние што ја пробале оваа работа сакаат да продолжат со неа.

- Сакаме да ги мотивираме затворениците да се обидат бидејќи многу од нив имале негативни искуства со работата или училиштето и можеби имаат одредени стравови, но штом ќе започнат, сфаќаат дека не е комплицирано.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik