Природниот имунитет е добар, вакцинирањето по прележувањето е уште подобро

Природниот имунитет е добар, вакцинирањето по прележувањето е уште подобро

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу луѓе се заразија со ковид-19 во текот на изминатите 20 месеци, и покрај нивните напори, или затоа што не презеле доволно мерки на претпазливост.

Заразувањето со ковид-19 обезбедува имунолошка меморија што помага да се заштитиме од идна инфекција. Но, сѐ уште не е јасно колку долго ќе трае таа заштита. Затоа, центрите за контрола и превенција на болести препорачуваат дури и луѓето што имале ковид-19 да примат вакцина.

Сѐ поголем број истражувања посочуваат дека инфекцијата и вакцинацијата обезбедуваат најсилна заштита од широк спектар на варијанти, веројатно долго време.

- Луѓето што биле заразени, па се вакцинирале неколку месеци подоцна, имаат „хибриден имунитет“, што е како суперимунитет - вели Ворнер Грин, виролог од Институтот „Гладстон“ во Сан Франциско.

Се чини дека оваа комбинирана заштита трае долго, според новата студија во списанието „Сајнс“. Може да трае многу подолго отколку само вакцинацијата, вели тој, иако тоа сѐ уште не е докажано.

Сепак, Грин предупредува луѓето да не се заразуваат намерно за да добијат поголема заштита. Никој не знае дали болеста ќе ја прележите со тешки или со лесни симптоми.

Експертот за заразни болести д-р Моника Ганди вели дека службениците од јавното здравство премногу често ја минимизираат заштитата што ја обезбедува инфекцијата.

- Да се негира природниот имунитет не генерира доверба - вели Ганди, експерт за заразни болести на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско и Општата болница во Сан Франциско.

kovid
Фото: Freepik

Вакцинирањето по три месеци или уште подобро по шест месеци од инфекцијата обезбедува најдобра можна заштита, рече таа. Но, додавањето втора доза не нуди речиси никаква дополнителна корист во однос на првата, а на луѓето што се целосно вакцинирани и заразени не им е потребен засилувач во овој момент.

- Ако имате природен имунитет, вакцинирајте се со една доза - вели Ганди.

Во новата студија од Институтот „Рокфелер“ во Њујорк истражувачите откриле дека луѓето кои се вакцинираат по заразување со ковид-19 може да бидат заштитени од поширок спектар на варијанти отколку луѓето што се само вакцинирани.

Сепак, според Теодора Хаџиоану, автор на студијата, ако треба да изберете еден вид заштита, тогаш одберете вакцинација.

Вакцините доведуваат до повисоко ниво на неутрализирачки антитела кои се борат против инфекција.

- На пет-шест месеци по вакцинацијата или инфекцијата, вакцинираните учесници имаа повисоки нивоа на неутрализирачки антитела од заразените, вклучително и против одредени соеви - вели таа.

Неодговорени прашања


Сѐ уште постојат отворени прашања кога станува збор за природниот имунитет и заштитата што ја овозможува. На пример, не е јасно колку брзо некој може да се зарази по втор пат.

За млади, здрави луѓе, инфекцијата може да обезбеди 80 до 90 отсто заштита од реинфекција. Но, кај постарите возрасни лица и кај оние со ослабен имунитет, инфекцијата може да биде помалку заштитна.

На пример, во Данска, од речиси 12.000 луѓе што биле позитивни на ковид-тестовите во првиот бран на инфекции со коронавирус минатата година, повеќе од 80 отсто биле заштитени во вториот бран. Но, меѓу оние на 65 години и постари, заштитата од повторна инфекција била само 47 отсто.

Поблаги или асимптоматски инфекции може да обезбедат помала заштита од тешките инфекции.

ковид
Фото: Freepik

Секако, соевите прават голема разлика. Така, на пример, крвта од луѓе претходно заразени со бета-сојот можеби нема да може да се бори против делта-сојот.

Џефри Шаман, епидемиолог за заразни болести на Факултетот за јавно здравје „Мејлман“ при Универзитетот на Колумбија, вели дека е фрустрирачки да се биде толку многу навлезен во пандемијата, а да се знае толку малку за повторните инфекции.

Иако треба да биде релативно лесно да се изброи колку луѓе се инфицираат по вакцинацијата - податоци што ЦДЦ престана да ги собира оваа пролет - многу е потешко да се открие колку луѓе добиваат повторени инфекции на ковид-19.

Ако не се многу болни, најверојатно нема да ги пријават тие инфекции, вели тој.

Раните студии посочуваа дека некои луѓе развиваат различни имунолошки одговори на инфекцијата. Некои развиле заштита од протеинот на вирусот. Се чинеше дека тие имаат помала веројатност да развијат повторна инфекција.

Но, можно е да дојде друга варијанта и луѓето чиј имунолошки систем одговорил на различен дел од вирусот ќе бидат подобро заштитени, рече Шаман.

Д-р Роберт Глатер, лекар во болницата „Ленокс Хил“ во Њујорк, рече дека се грижи за пациентите што првпат имале тешка реакција на ковид-19.

Тој видел голем број пациенти чии симптоми се полоши со втората инфекција, можеби затоа што имаат имунолошки клетки кои „се подготвуваат да реагираат претерано или поагресивно за време на реинфекција“.

- Земјите што се обидоа да се потпрат на природни инфекции за да го забават ширењето на вирусот, како што се Бразил и Иран, не спречија повторливи бранови на инфекција - рече Глатер.

- Не постои земја во светот каде што природната инфекција и природниот имунитет го забавија темпото на пандемијата или помогнаа да се стави под контрола - додава тој.

Извор: USA Today
Фото: Freepik