Во Јужна Кореја луѓето присуствуваат на сопствените лажни погреби за да научат важни животни лекции

Во Јужна Кореја луѓето присуствуваат на сопствените лажни погреби за да научат важни животни лекции

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Погребалните компании во Јужна Кореја нудат бесплатни погреби, но само за живите луѓе.

Повеќе од 25.000 луѓе имаат учествувано во масовните „погреби за живите“ во центарот Хјовон уште од неговото отворање во 2012 година, надевајќи се дека со симулирање на сопствената смрт ќе си го подобрат животот.

- Откако ќе станете свесни за смртта и откако ќе ја искусите, ќе усвоите нов пристап кон животот - вели 75-годишниот Чо Џае-хе, кој учествувал на неодамнешниот погреб на живите како дел од програмата понудена од центарот.

Голем број луѓе учествувале на настанот, од тинејџери до пензионери, ставајќи наметки, правејќи погребални портрети, пишувајќи ги последните тестаменти и лежејќи во отворен ковчег околу 10 минути.

Студентот Чои Џин-кју вели дека времето поминато во ковчегот му помогнало да сфати колку често другите ги гледал како конкуренти.

- Кога бев во ковчегот, се прашував дали гледањето на другите како конкуренти има некаква цел - рече 28-годишниот студент и додаде дека планира да почне свој бизнис откако ќе дипломира наместо да се обидува да влезе во висококонкурентниот пазар на труд.

pogrebi

- Важно е да научите и да се подготвите за смртта дури и на млада возраст - вели професорот Ју Ен-сил, доктор во одделот за патологија во медицинскиот центар „Асан“.

Во 2016 година стапката на самоубиства во Јужна Кореја беше 20,2 на 100.000 жители, што е речиси двојно повеќе од глобалниот просек од 10,53 според Светската здравствена организација.

Погребната компанија „Хјувон“ почнала да нуди живи погреби за да им помогне на луѓето да почнат повеќе да го ценат животот и да бараат прошка од семејствата и од пријателите.

- Немаме засекогаш. Затоа мислам дека ова искуство е важно - можеме порано да се извиниме и да се помириме и да живееме среќно до крајот на животот - вели Џеонг Јонг-мун, кој го предводи центарот за лекување.

- Сакам да им покажам на луѓето дека тие се важни и дека некој друг би бил тажен ако нив ги нема - вели тој. - Среќата е во сегашноста.