Мадагаскар полека се расцепува на повеќе делови

Мадагаскар полека се расцепува на повеќе делови

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во праисторијата, пред околу 88 милиони години, островот Мадагаскар во Индискиот Океан се одделил од индискиот потконтинент. Сега, ново истражување покажува дека островот повторно се распаѓа, овој пат во помали делови.

Постепеното расцепување на африканскиот континент по должината на источниот регион е голем геолошки настан. Повеќе анализи покажале дека континентот се распаѓа и ќе формира нов океан во регионот Афар во Етиопија. Ново истражување покажува дека поделбата е покомплексна и пораспространета отколку што се мислело претходно. Се открива дека поделбата се протега дури до островот Мадагаскар, кој самиот полека се расцепува.

На новото истражување работеле научници од САД, Португалија и Мадагаскар кои тестирале податоци за движење на површината во Источна Африка, Мадагаскар и на други острови користејќи компјутерски модели. Тие откриле дека разделувањето на Африка опфаќа региони од Источна Африка до делови од Мадагаскар.


Фото: Pixabay

Мадагаскар се наоѓа на две тектонски плочи, а според истражувањето, Мадагаскар се разделува со тоа што дел од источниот и средишниот дел од островот се спојуваат со тектонската плоча на северот. Останатиот дел од островот се расцепува во повеќе делови со различни форми и големини.

Околу 90% од сите животински и растителни видови на Мадагаскар се уникатни на островот. Дури до 80% од сите растителни видови на островот може да се најдат само таму, а тоа го прави интересен за научниците и туристите.

Сепак, иако истражувањата покажуваат дека африканскиот континент и Мадагаскар се расцепуваат, тоа нема да се случи наскоро. Поделбата на Африка се случува многу бавно, односно околу 7 милиметри годишно. Ќе треба да поминат од 5 до 10 милиони години за да се формира нов океан или континент.

Автор: Увагбале Едвард-Екпу
Извор: weforum.org
Насловна фотографија: Pixabay