МАНУ го промовира двотомното издание „Фонетика и фонологија на македонскиот стандарден јазик“

МАНУ го промовира двотомното издание „Фонетика и фонологија на македонскиот стандарден јазик“

Истражувачкиот центар на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска ја промовира „Фонетика и фонологија на македонскиот стандарден јазик“ во два тома. Првиот, насловен „Супрасегментална фонетика и фонологија“, се однесува на интонацијата и акцентот, а вториот, „Сегментална фонетика и фонологија“, е посветен на гласовите во македонскиот јазик.

Изданието е финансирано од Полска и авторскиот тим е македонско-полски: Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик и дописен член на МАНУ, и експертот за акустика – проф. д-р Бранислав Геразов од ФЕИТ, а од Полска биле вклучени Ана Цихнерска и Агата Травињска, како и академик Ирена Савицка од Институтот за славистика при Полската академија на науките, која е координатор на проектот.

Двата тома се создадени по најсовремени методи на фонетски истражувања со експериментални резултати добиени во лабораторија, а материјалот е собран од родени говорители на македонскиот јазик.

Веселинка Лаброска, една од авторите, рече дека во самото издание е нагласено дека современиот македонски јазик во однос на фонетиката е единствен и уникатен во целиот словенски јазичен свет.

Таа изјави дека се работи за ново истражување за кое се труделе да најдат соодветен корпус на говорители за кои сметале дека зборуваат, изговараат правилно македонски, спикери од радио и од телевизија (МРТ), како и нивни колеги лингвисти кои снимале одделни секвенции потребни за истражувањето.

-Сѐ е базирано на снимени материјали на родени говорители на македонскиот јазик кои сметаме дека изговараат така како што треба да звучи македонскиот јазик, со сите негови специфики, со нормален изговор на вокалите, со акцент на третиот слог од крајот на зборот, со акцентски целости итн. Забележавме и нови тенденции во изговорот што, веројатно, е нормално за секој јазик затоа што промените се неодминливи - истакна Лаброска.

Изданието е наменето, пред сѐ, за студенти, но и за стручњаци со оглед на тоа што е напишано на повисоко теоретско ниво.

Извор: МИА