Најголемиот хит на сите времиња ја крие приказната за тешката борба на Фреди Меркјури

Најголемиот хит на сите времиња ја крие приказната за тешката борба на Фреди Меркјури

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Квин“ е еден од најпопуларните рок-бендови што некогаш постоеле. Иако во текот на кариерата направи многу хитови, една песна особено се издвојува. „The Show Must Go On“ е песна на „Квин“ од албумот „Innuendo“ од 1991 година. Стана една од најпознатите песни и одбележа цела генерација.

Иако постои мислење дека е напишана од Фреди Меркјури и дека ја претставува неговата проштална песна, тоа е само делумно точно. Всушност, основата ја напишал гитаристот Брајан Меј, инспириран од битката на Меркјури со болеста, неговата храброст и истрајност во последните денови.

Меркјури имаше сида, иако тоа не беше официјално познато во тоа време. До средината на 1991 година тој веќе беше толку болен, што едвај можеше да оди, па Меј беше загрижен дали Фреди ќе може да отпее толку тешка песна. Затоа, демо-верзијата ја отпеа Меј, иако мораше да користи фалсет на одредени делови кои беа превисоки.

Но, на изненадување на сите членови на бендот, кога дојде време за снимање, Фреди се појавил во студиото, се напил малку вотка и ја испеал песната без ниту една грешка.

Потоа Фреди бил многу слаб за да го сними спотот, па така бил направен колаж од видеата на групата направени во периодот од 1981 до 1991 година.

Песната зборува за животот на сцената воопшто, за тоа дека при изведувањето мора да се остават сите лични проблеми, а текстот е полн со алузии и метафори. На крајот, текстот зборува за решителноста и желбата за живот: „Морам да најдам волја да продолжам со шоуто“ („I have to find the will to carry on with the show“).

Џим Хатон, партнерот на Меркјури во последните шест години од неговиот живот, еднаш изјави дека постои дел од песната што најдобро ги опишува последните денови на Фреди.

- Според мене, најавтобиографскиот стих е: „Мојата шминка можеби се лупи, но мојата насмевка сè уште останува“ („My make-up may be flaking but my smile still stays on“). Баш така беше. Колку и да беше лош Фреди, тој никогаш не мрмореше и не бараше сочувство. Tаа битка беше негова и тој секогаш покажуваше храбро лице, и покрај најлошата ситуација - рече Џим во едно интервју во 1994 година.

За жал, Фреди не успеа да ја изведе песната во живо. Почина на 24 ноември 1991 година, набргу по објавувањето на албумот. И денес важи за еден од најдобрите пејачи.



Извор: Stil.kurir.rs
Фото: Screenshot/YouTube