Прекрасно италијанско гратче ќе ви плати 30.000 евра за да се преселите таму, но под еден услов

Прекрасно италијанско гратче ќе ви плати 30.000 евра за да се преселите таму, но под еден услов

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Гратче на југот на Италија нуди до 30.000 евра за оние што сакаат да се преселат таму.

Гратчето Пресиче-Акварика се бори со намалената популација и напуштени домови. За да привлече нови сопственици на домови, гратчето вети грантови за луѓето кои ќе купат куќа и ќе се регистрираат како жители на градот.

Еве што треба да знаете ако сте заинтересирани да купите имот во ова убаво гратче.

Пресиче е општина која ги опфаќа двата града Пресиче и Акварика дел Капо и се наоѓа на јужниот дел на италијанскиот регион Пуља.

Малиот град се соочува со сè помала популација бидејќи жителите се преселиле во поголемите градови во потрага по подобри можности за работа.

Сега, градскиот совет се надева дека ќе привлече нови сопственици на домови преку дарежливи парични стимулации.

Деталите за шемата сè уште се финализираат, но апликациите наскоро ќе бидат достапни на веб-страницата на градското собрание. За да можат да аплицираат, поединци или семејства мора да го преселат својот официјален престој во јужниот италијански град. Од нив се бара да инвестираат во куќа изградена пред 1991 година, што е околу 30 отсто од имотот во градот.

Трошоците за купување ќе бидат субвенционирани од грантот обезбеден од градскиот совет. Финансиската помош може да се искористи и за покривање на трошоците за реновирање. За потенцијалните сопственици на куќи достапни се максимум 30.000 евра.

Исто така, советот нуди стимулации за да помогне во борбата против стареењето на населението во градот. По само 60 раѓања во споредба со 150 смртни случаи минатата година, градот ќе додели по 1.000 евра за секое новороденче.

Сместено во областа позната како Саленто, Пресиче-Акварика е едно од најубавите села во Италија. Улиците на историскиот центар се обложени со украсени барокни градби, а на главниот плоштад има раскошно украсена црква.

Околното село е исполнето со маслинови градини, а висококвалитетното масло произведено од овие дрвја му го донело прекарот на градот - Град на зеленото злато.

Тиркизните води на Јонското Море и крајбрежните градови Галиполи и Санта Марија ди Леука се навистина близу.

Извор: Euronews.com
Фото: Screenshot/YouTube