Дедо Мраз е во изолација, го заменува д-р Горан од Нирнберг

Дедо Мраз е во изолација, го заменува д-р Горан од Нирнберг

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дојдоа и понуди за парична помош за ранливите категории, но поради преголем организаторски товар, морав да го одложам тоа за понатаму, вели д-р Горан

„@doktor.goran“, под ова име на „Инстаграм“ ќе го најдете триесет и едногодишниот д-р Горан Трајковски, кој веќе пет години живее и работи во Нирнберг, Германија. Овој млад и забавен доктор, кој многу често едуцира преку видеата што ги објавува, а кој во моментов специјализира интерна медицина во клиника близу Нирнберг, деновиве е особено актуелен поради една од најголемите наградни игри (giveaway) што се организирани годинава. Неговите следбеници со право го нарекоа Дедо Мраз, бидејќи тој натера стотици фирми и поединци, меѓу другото, да донираат пакетчиња за децата чии родители не можат да си дозволат да им купат.

За хуманитарната акција, за дарувањата, работа како доктор, но и за животот во Нирнберг, ни раскажува д-р Горан во ова интервју за Факултети.мк.



Периодов актуелна е големата новогодишна наградна игра, со која многумина Ваши следбеници ќе добијат подароци, а има и хуманитарна нишка. За што се работи?

Се работи за нешто сосема неочекувано. Идејата за дарување се прошири како див оган, се пријавија толку многу фирми и поединци кои сакаат да подарат нешто, што настана огромен организаторски и логистички проблем. Собравме и над 1.200 новогодишни пакетчиња кои се разделуваат по хуманитарни организации од цела Македонија.
Дојдоа и понуди за парична помош за ранливите категории, но поради преголем организаторски товар, морав да го одложам тоа за понатаму.
Собравме над 90 различни типа подароци кои ќе им бидат доделени на оние што ќе се пријават на „Инстаграм“. Немав време да ја пребројам вкупната бројка на поединечни подароци. Интересно е што ниедна фирма не бара нешто за возврат, односно не бара услов да биде „заследена“ или, пак, да бара да се сподели постот. Јас за возврат се обидувам да им ја оддадам заслужената почит на фирмите/поединците. Мислам дека многу од луѓето повторно го почувствуваа празничниот дух на дарување и несебичност, па затоа и се пријавија во толкав број. Кај мене барем беше така.

На следбениците им најавивте и нешто многу поинтересно од ова, откако ќе заврши тековната наградна игра. Може ли да ни откриете за што се работи?

Уф, тешко прашање. Не знам што е паметно да споделам бидејќи не сакам да разочарам никого доколку не успеам да го реализирам. Тоа е во толку рана фаза на изработка, што сè уште не е паметно да се дискутираат детали. А и не сакам да ја откријам идејата. Ама, ќе кажам неколку работи: ќе биде наменето за талентираните аматерски пејачи во Македонија.
Веќе имаме и еден од познатите македонски сценски изведувачи како советник/критичар. А ќе следуваат и други кога ќе започнеме.

Особено интересни и корисни се Вашите видеа во кои едуцирате за сѐ што е поврзано со здравјето, особено со Ковид-19 и најновите сознанија во врска со вирусот и вакцините. Каква е повратната информација за оваа тема од луѓето што Ве следат?




Тоа е мојот професионален живот: медицина, актуелни болести и терапија. Тоа значи дека имам одговорност кон моите пациенти да бидам во тек со новите информации во врска со тековната пандемија. Кога веќе ги имам информациите в глава, си велам, зошто да не ги споделам и на „Инстаграм“. Фидбекот е одличен, луѓето стекнаа доверба во мене и очекуваат појаснување и одговор на многубројните контрадикторни и конфузни информации што кружат по интернет, а јас се обидувам тој одговор да им го дадам.

Преку Вашиот личен пример покажувате колку е важно да се спортува и да се живее здраво. Луѓето Ви веруваат и ги мотивирате, па колку често Ви пишуваат и бараат совети поврзани со исхраната и вежбањето?

Да се спортува е многу важно, но тоа е само мал дел од здравото живеење. Добивам многу прашања на тема спорт, исхрана, суплементи и слично, но, за жал, немам време да давам индивидуални советувања. Се обидувам преку објавите да дадам некој општ впечаток и правец, а потоа секој треба да се погрижи за својата информираност или, пак, да се советува со некој што го работи тоа, барем во првите неколку месеци од тренингот.



Вие сте семеен човек, сопруг на Александра и татко на малиот Себастиан, кои ги запознавме преку Вашиот профил на „Инстаграм“. Успевате ли да најдете време за да му се посветите на семејството?


Времето е единствено нешто што ми фали во оваа фаза од животот. Не знам начин како да го променам тоа, освен да го продолжиме денот до 30 часа. За жал, овој брз начин на живеење не оди во прилог на добро здравје. Кога сум со семејството, се трудам да го ставам телефонот во некој далечен ќош од собата, но не секогаш успевам да одолеам да го снимам Себастиан.



Кој е д-р Горан кога ќе го исклучи телефонот?


Добро прашање. Знаете што значи зборот персона? Од старогрчки per-за, sona-звук. Тоа биле маски што ги користеле во старогрчките театри, а кои го засилувале гласот на глумците. Персоната @doktor.goran се гаси кога се исклучува телефонот и тогаш доаѓа персоната на секојдневниот Горан, кој пак, има обврски со работа, семејство и секојдневни проблеми. Како и секој друг човек. А пак, под сите маски/персони, се крие тоа што сите го носиме во себе.