Новогодишните светилки и вашиот рутер не се пријатели - обрнете внимание на овој детаљ
Во декември многу луѓе забележуваат дека нивниот безжичен интернет одеднаш почнува да се забавува токму кога се палат светилките на елката. Видеоповиците замрзнуваат, брзината се намалува, а врската станува нестабилна. Причината честопати не е во операторот, туку во самите празнични украси, што може да создаде електромагнетни пречки и да го отежни работењето на рутерот.
Евтините ЛЕД-светла обично содржат слабо заштитени кабли и електроника што произведуваат радиобранови. Овие сигнали се преклопуваат со опсегот од 2,4 гигахерци што го користат и блутут-уредите, бебешките монитори и микробрановите печки. Кога светилките се вклучуваат во близина на рутерот, се создава еден вид електромагнетен смог, па уредите мора постојано да испраќаат податоци. Резултатот е доцнење и прекини на врската, особено забележливи во игрите и видеоповиците.
Божиќните светилки, украсите и каблите можат да создадат зони на силни пречки
Пречките не доаѓаат само од електрониката. Металните декорации, светките, па дури и разгранетата структура на вештачките елки можат да го рефлектираат или блокираат сигналот, додека природните елки апсорбираат дел од енергијата поради влажните гранки, што дополнително го ослабува сигналот.
Кога светилките често ги менуваат боите или светлосните шеми, се создаваат кратки „пикови“ на пречки, а мрежата почнува да „ика“. Корисниците потоа забележуваат дека страниците понекогаш се вчитуваат веднаш, понекогаш многу бавно, додека некои уреди повремено ја губат врската и повторно се поврзуваат.
Најефикасното решение е физички да се оддалечи рутерот од светилките најмалку три метри. Треба да се избегнува поставување на продолжни кабли и кутии за контрола на светилките веднаш до рутерот бидејќи тие создаваат дополнителни пречки и топлина. Подобрата позиција на рутерот, на повисока и поцентрална точка во станот, исто така помага.

Квалитетот на светилките е важен. Моделите со подобра изолација и европски сертификати генерираат помалку електромагнетни пречки и се побезбедни за долготрајна употреба.
Со неколку едноставни чекори, можно е истовремено да се зачува и празничната атмосфера и сигурната интернет-врска.
Извор: benchmark.rs
Фото: Freepik