Плата до 90.000 евра и 61 ден одмор - оваа германска компанија ги урива сите рекорди

Плата до 90.000 евра и 61 ден одмор - оваа германска компанија ги урива сите рекорди

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Звучи премногу добро за да биде вистина: вработените во оваа компанија не мора да доаѓаат на работа повеќе од три месеци годишно, но само ако исполнат одредени критериуми.

Овие неверојатни услови важат во „Аурубис“, најголемиот европски производител на бакар со седиште во Хамбург, кој вработува околу 2.800 луѓе, меѓу кои и околу 240 приправници.

Оние што ги исполнуваат условите можат да добијат и до 61 ден годишен одмор.

Како се собираат деновите за одмор

- Стандардниот годишен одмор е 30 дена, а покрај тоа има уште до пет дополнителни дена што вработениот може да ги искористи како слободни или да добие паричен надомест - вели Кристоф Теш, директор за корпоративни комуникации.

Дополнителни денови за работа во смени и за работници постари од 55 години

Работниците што одат во смени добиваат уште еден дополнителен ден одмор, како и до 20 дена таканаречено старосно слободно време за работници постари од 55 години. Теш додава и пет дена за пресоблекување и пат од соблекувалната до работното место за вработените во производство.

- Тоа не е дел од годишниот одмор, туку надомест за времето поминато во подготовка за работа - вели тој.

Овие денови се доделуваат кога вработените мора да носат заштитна опрема, а патот од гардеробата до работното место е долг. Хамбуршкиот погон зафаќа околу 870.000 квадратни метри.

Тежок, но добро платен труд

Покрај бакар, „Аурубис“ преработува уште околу 20 други метали, меѓу кои злато, сребро и платина. Приправниците во првата година од обуката заработуваат повеќе од 1.000 евра бруто-плата.

- До третата или четвртата година од обуката платата може да порасне и до 1.500 евра месечно - објаснува Теш.

Искусните работници на почеток можат да заработуваат повеќе од 50.000 евра годишно, додека искусен мајстор кој работи во смени може да достигне и до 90.000 евра годишно.

Дополнителни бенефиции


Освен платата, вработените добиваат и бонус за Божиќ, регрес, придонеси за приватно пензиско осигурување и други погодности.

- „Аурубис“ генерално му придава големо значење на тоа да биде атрактивен работодавец и на своите вработени да им понуди конкурентен пакет бенефиции - вели Теш.

Со ваква плата и толкав број денови одмор, не е тешко да се замисли како би се организирал животот.

Извор: Citymagazine.danas.rs
Фото: Freepik