Писмо од матурант: Бомбардирани сме од вести за разводи на познати личности, а не знаеме дали бојкотираат „мали изолирани групи“ или 78% од матурантите

Писмо од матурант: Бомбардирани сме од вести за разводи на познати личности, а не знаеме дали бојкотираат „мали изолирани групи“ или 78% од матурантите

Полагањето на матурата годинава донесе големи дебати и несогласувања помеѓу матурантите и образовните власти. Матеј Кардула е матурант од Крушево кој реши да го разбие молкот и до нашата редакција испрати писмо за матурскиот испит кое ви го пренесуваме во целост.

„Почитувани,

Пишувам како изреволтиран матурант кој предизвикан од секојдневните „гафови“ во нашиот образовен систем веќе се убедува својот живот да го продолжи надвор од оваа држава. Си земам за право да ги „искористам“ вашето внимание, влијание и правни насоки со чие јавно објавување би се разбила тоталната цензура.

Движењето против полагање државна матура започна со креирање на фејсбук-група која денеска брои 8.300 члена. Првичниот став на матурантите беше комплетно укинување на матурата, но и покрај големите аспирации на поединците вклучени во движењето, неупатеноста предизвика разобединување на групата. При првите бојкоти (во декември 2020 година) нашите барања не беа поддржани од страна на Сојузот на средношколци (ССРСМ), кој сè уште беше во процес на преговори со МОН.

Иако ставовите на средношколците беа поделени во однос на потребата од полагање матура, сега скоро секој средношколец кој планира да го продолжи своето образование е согласен со фактот дека матурскиот испит е неизбежен, меѓутоа, моменталниот модел на тестирање - неприфатлив. Периодот на пандемија драстично ги промени нашите животи, па нелогично е нашето образование да тече исто како и во претходните години, а нашиот краен успех да биде оценуван на ист начин како и досега. Затоа и не се согласуваме со ставот: „задржувањето на континуитетот на образовниот процес“ (Мила Царовска, 2020) по секоја цена означува непроменета државна матура.

Со почетокот на второто полугодие од оваа учебна година, ССРСМ излезе со повик кон матурантите за повторен бојкот на наставата. Овој пат средношколските барања се јасно конкретизирани во известувањето напишано од Сојузот:

1. Министерството за образование и наука да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат. Од четири предмети, предлагаме учениците да полагаат два предмети.

а. Задолжителен прв предмет: мајчин јазик (македонски, албански, турски итн.);

б. Втор предмет по избор на ученикот: се препорачува учениците вториот предмет да го изберат водејќи се од нивните планови за понатамошното образование и интереси; и

в. Проектна задача.

2. Министерството за образование и наука (МОН) и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март 2021 да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.

Почетокот на новиот бојкот беше одбележан со јавниот и невистинит коментар на министерката дека бил постигнат договор со Сојузот на средношколци. Одлуката за намалување на бројот на предмети од следната година е нелогична и можна причина за раѓање револт кај уште една дискриминирана генерација која поради ваквите искуства во државата, е поттикната единствениот спас да го гледа надвор од неа.

Покрај ваквото манипулативно однесување пред јавноста, матурантите се соочија со закани и медиумска цензура. Конкретно, првиот бојкот (за кој претходно зборував), иако законски регулиран (со навремено испратени известувања до училиштата), беше наметнато запрен со напишани неоправдани изостаноци и покрај што министерката се изјасни дека тоа е „наше легитимно право“.

Како да живееме во општество каде што сме бомбардирани од вести за разводите на познати брачни парови без да имаме точни информации дали бојкотираат „мали изолирани групи“ (според Царовска) или пак 78 отсто од матурантите (според Сојузот)?“

Матеј Кардула, матурант во СОУ „Наум Наумовски-Борче“ - Крушево

Насловна фотографија: Freepik